Веќе напишавме што не доведува до кризата која може да ја расипе врската меѓу мажот и жената. Важно е да се разбере дека бракот без секс не е проблем кој нема свое решение, потребно е само партнерите да бидат подготвени да го пронајдат. А еве и неколку совети кои ќе ви дадат идеја од каде да започнете:
- Не се обвинувајте еден со друг. Без разлика која е причината за вашиот проблем, никогаш не треба да започнете да се обвинувате еден со друг. Таквото однесување може да создаде одбивност и уште повеќе да ве оддалечи.
- Научете да комуницирате ефективно. Комуникацијата е во основата на секоја врска и ако таа се наруши, проблемите ќе се трупаат и никогаш нема да бидат решени. Затоа, бидете отворени кон својот партнер. Воопшто не е срамно или страшно да седнете и да му кажете дека гледате голем проблем во вашиот сексуален живот. Разговорот водете го смирено и обидете се заедно да ги утврдите причините и начините за нивно отстранување.
- Победете ја досадата. Монотонијата ја убива желбата за секс. Не може постојано да повторувате едно исто нешто и да очекувате различни резултати. Внесете повеќе разнообразие во вашиот живот. Одете сами на викенд, менувајте различни пози, купувајте почесто привлечна долна облека…
- Повторно состанувајте се. Потсетете се како ви било кога за прв пат сте се запознале. Договарајте си состанок барем еднаш неделно и излегувајте заедно на вечера или на прошетка. Колку и да сте зафатени и да имате обврски, одделете си време само за вас.
- Децата не треба да ви бидат изговор. Ако имате желба, можете да најдете време за да останете насамо. Доколку децата ви се мали, сигурно останувате барем 2 часа насамо со вашиот сопруг по нивното легнување. Искористете го тоа време за романтика и повеќе интимност. Еднаш неделно повикајте ја вашата мајка или свекрва да ги почува децата додека вие сте излезени со сопругот.
- Покажете му колку сте привлечни. Често се случува со текот на годините жените да започнат да го занемаруваат својот изглед, па мажите губат интерес. Негувајте се и дотерувајте се за него. Тоа ќе го натера да ги „чува“ неговите погледи само за вас. Кога излегувате заедно, облечете го оној фустан во којшто сопругот секогаш сметал дека изгледате најубаво, направете си ја фризурата која тој најмногу ја сака, ставете од парфемот што тој ви го подарил…
- Покажете му дека сè уште ве привлекува. Не е реткост мажите да започнат да ја губат самодовербата поради нивниот изглед. Зголемувањето на телесната тежина и губењето на косата можат да бидат причина тој да мисли дека веќе не го посакувате. Затоа, покажете повеќе страст и дајте му до знаење на вашиот сопруг дека имате желба да бидете интимни со него.
