Печењето почнува кога решетката на електричната скара е загреана или кога е создаден чист жар од јагленот или од дрвата, затоа што продуктите не смеат да се ставаат директно на оган.
Добро загреаната решетка од скарата премачкајте ја во тенок слој со маснотија дури откако ќе ги ставате продуктите кои имате намера да ги печете.
Никогаш не ставајте го месото диектно од фрижидер, затоа што нема добро да се испече, а само ќе се оладат решетките на скарата.
Ако пред печењето на месото од било која причина мора да го измиете, направете го тоа со врела вода, таа ќе му ги затвори порите и ќе спречи сокот да истече, а потоа исушете го со хартиена салфета и ставете го на скарата, со тоа што предходно треба да го премачкате со масло.
Месото на скара не смеете да го посолите, затоа што солта ја извлекува водата, па ќе истечат драгоцеите сокови и месото ќе стане пресуво.
Белите и светли меса (телешко, пилешко, риба) природно се суви и меки. Затоа печете ги на умерено загреана скара, а за да бидат сочни треба во текот на печењето што почесто да ги премачкувате со масло, стопена свинска маст, путер или со сланина. Маснотијата спречува месото да не изгори.
Темните меса (свинско, јунешко, говедско) се природно сочни и релативно тврди. Неопходно е прво да ги печете на силно загреана скара (за да се затворат порите), а потоа печењето да го продолжите на умерена температура.
За раженчиња земете месо од бут, плешка или од грб, најчесто од свинско, но може да се печат и од телешко и од говедско. Месото се сече на подеднакво големи парчиња со големина на орев, а потоа се боцкаат на дрвени или на метални стапчиња за раженчиња, па се ставаат на загреана и намастена скара. За време на печењето раженчињата се вртат за да се испечат рамномерно од сите страни. Печените раженчиња се посолуваат, а може да се посипат и со стино сецкан лук и со ситно сецкан магдонос. Раженчињата може да бидат и мешани – месо, сланина, дропчиња, печурки, зеленчук, овошје.
Ќебапчиња се прават од еден или од повеќе вида мелено месо. За време на печењето доволно е да се завртат два пати внимавајќи да не истече сокот. Откако ќе се испечат се зачинуваат со сол и бибер, а се послужуваат со кромид, домати, со свежи или печени пиперки.
Плескавиците се погачици со големина на дланка од мелено месо и разни зачини, па со вртење се печат на скара. Се послужуваат со сецкан кромид, домати, со свежи или печени пиперки, феферончиња, сирење, кисело млеко.
