При купување кромид избирајте главички кои се чисти и убаво обликувани, при тоа треба да внимавате вратот на главичката на кромидот да не биде отворен, додека лушпата мора да биде припиена, односно да не биде крцкава и кршлива. Одбегнувајте да употребувате кромид кој из’ртел, има мов, мека главица и флеки.
Кромидот чувајте го на собна температура, на темно место со провев, а најдобро е да се чува во мрежести кеси или врекички за да може воздухот да циркулира и под кромидот. Исто така треба да одбегнувате да го чувате кромидот заедно со компирите, затоа што така ќе ја загуби влажноста, а на тој начин побрзо ќе се расипе. Времето на чување на кромидот е од 1 до 12 месеци, што најмногу зависи од сортата, но најдолго се чува кромидот со жолта лушпа.
При купување млад кромид, треба да внимавате главичките да се цврсти и бели а врвовите свежи и зелени. Се користи одма или најдоцна два дена по купувањето. Чувајте го во кеси, во фрижидер или во сад што добро се затвора, затоа што многу брзо губи на нутритивната вредност.
Иако голем број луѓе сакаат да го користат кромидот при подготвување на разни јадења за време на сечкањето им течат солзи. За да го одбегнете ова, кромидот пред сечењето ставете го на еден час во фрижидер.
Изберете штица за сечкање на која исклучиво ќе сечкате кромид за да другите продукти не го примат неговиот мирис. Свежиот кромид можете да го сечете на кругови, прстени или ситни коцки.
Мојата кујна
