Motherhood

Децата мора да научат да ги ценат парите!

Лесно е да се каже, тешко е да се направи. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да му ја претставите вистинската вредност на парите на вашето дете и да го научите да штеди и да ги троши разумно.

  • Научете го да брои монети. Прво запознајте го со монетите. Кога вашето дете ќе научи да брои, дајте му монети од 1 денар.
  • Објаснете му ја вредноста на различните монети. Кога сметате дека вашето дете е подготвено, дајте му различни монети од 1, 2 и 5 денари. Така визуелно според големината на монетите полесно ќе му биде да научи дека монетата од 2 денари вреди повеќе од монетата од 1 денар, а помалку од монетата од 5 денари.
  • Разменувајте пари. Воведете игра „банка“, во која вие ќе сте клиент, а вашето дете банкар. Дајте му монета од 5 денари и научете го дека таа вреди подеднакво со 5 монети од 1 денар. Вежбајте го менувањето пари додека не видите дека вашето дете разбира што всушност се различните монети.
  • Објаснете му од каде доаѓаат парите. Нормално е децата да мислат дека парите доаѓаат од нивната мајка и татко и дека секогаш кога требаат пари, има доволно во паричниците на родителите. Некаде на 5-годишна возраст децата се подготвени да слушнат и можат да разберат од каде навистина доаѓаат парите и дека не се неограничени. Тогаш е потребно да му објасните на вашето дете дека парите се стекнуваат со труд и работа и дека со нив може да се купува само она што е неопходно, а некои задоволства може да си ги пружите само ако штедите.
  • Покажете му дека има разлика помеѓу потребите и желбите. Многу често децата кога ќе видат нешто интересно в продавница, веднаш посакуваат да го имаат, па прават сè што можат за да го добијат, а често започнуваат и да плачат. За да избегнете таков мал скандал во јавност, потребно е да го научите вашето дете дека има разлика помеѓу неговите желби и реалните потреби. Објаснете му дека постојат некои работи кои се неопходни за живот и кои задолжително се купуваат и такви кои се еден вид луксуз. Треба да му стане јасно дека не може да има секогаш сè што ќе посака.

Колку и да сте финансиски стабилни, ако му купувате на вашето дете сè што ќе посака, правите голема грешка. Во таков случај ќе добиете до себе разгалено дете кое како што расте ќе биде уште попребирливо и никогаш нема да може да научи да штеди или да ги цени парите.

Write A Comment