Имено, Фројденберг е малечко средновековно гратче сместено во германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, а истото се протега на површина од 54,5 квадратни километри и е дом на нешто помалку од 20.000 жители.
Најпознатиот дел од Фројденберг е стариот дел од градот наречен ”Alter Flecken”, кој се состои исклучиво од околу педесетина дрвени куќички, речиси сите со иста големина и изглед, а поголемиот дел од нив датираат уште од 17-от век, кога градот бил обновен, по големиот катастрофален пожар.
Она што е особено интересно е фактот дека стариот дел од градот и необичните куќички се познати и далеку од границите на регионот. Имено, центарот на градот е признат и како “Споменик од меѓународно значење”.
Поради историското наследство и околните шумски предели, во Фројденберг туризмот е исклучително развиена гранка. Прекрасните градби и убавата клима привлекуваат бројни планинари и велосипедисти, кои може да уживаат во прошетката околу градот преку патеката со должина од 160 километри.
Помеѓу останатите активности, посетителите може да уживаат во разгледувањето на Музејот на технологија и да ја истражуваат индустриската историја на градот, да го посетат Музејот на уметноста или пак да уживаат во некој од интересните настапи во отворените театри, спектакли кои што се одржуваат во текот на летните денови.
Во продолжение уживајте во виртуелната прошетка низ ова прекрасно германско гратче.













