Art & Crafts

Ги миете ли забите правилно?

Иако се работи за секојдневна активност, многу луѓе сепак не обрнуваат доволно внимание на миењето на забите, па често тоа го прават на погрешен начин. Експертите тврдат дека тоа влијае на зголемување на бројот на луѓе со дентални проблеми.

Една од најчестите грешки е изборот на четката. На пазарот може да се најдат разни модели според крутоста на влакната, како и модели со закривена или флексибилна глава за подобра пристапност. Со оглед на големиот избор, воопшто не е тешко да се направи грешка. Тврдите четки со текот на времето може да ги оштетат непцата и забната глеѓ. Затоа препораките се да се користи четкичка со средна крутост или пак мека, бидејќи ефикасно ќе го отстранат вишокот храна од устата.

Менувањето на четката исто така е важна работа, па оние што ја чуваат истата повеќе од шест месеци прават грешка. Препораката е таа да се менува на три месеци, а ако се забележи деформирање, пожелно е тоа да се направи и порано.

Следниот пат кога ќе ги миете забите, обрнете внимание и на техниката. Ако тоа го правите праволиниски напред и назад, правите грешка. Правилниот и ефикасен начин е миењето со кружни движења. Ако не постапувате така може да ја оштетите глеѓта и да бидете осетливи кога јадете нешто ладно или слатко. Мијте ги забите со кружни движења барем една минута за да има максимален ефект од чистењето.

Постојат разни реклами за производи кои ветуваат брзо избелување на забите, но наложуваат секојдневно да ја користите таквата паста. Проблемот е што таа нуди мала заштита од кариес. Во секој случај не треба да се става многу паста на четката.

Покрај забите, важно е да се чисти и јазикот. Многу луѓе го запоставуваат тој дел, а тоа лесно може да доведе до развој на кариес или други проблеми.

Конецот е подеднакво важен како и четката, а идеално би било да се користи барем три пати неделно. Уште една работа која се препорачува е користењето на течноста за миење на устата иако е пожелно да се избегнуваат оние што содржат алкохол.

Write A Comment