Доколку немањето деца е ваш личен избор, без нив може добро да се живее. Меѓутоа оние парови кои сакаат да имаат потомство, а неможат, паѓаат во големо искушение. Освен тоа што нивното физичко и ментално здравје ќе биде прво на удар, сосема е извесно дали ќе се промени нивниот однос, односот спрема околината, доживувањето на смислата на животот, правдата…
Во пракса, најголемо внимание се придава на физиолошките аспекти на неплодноста, додека пак психолошката страна често се игнорира. Поради тоа, поголемиот број од овие луѓе патат и се осамени, што всушност претставува додатен стрес кој може лошо да влијае на успехот на нивното лекување. Сфаќањето и прифаќањето на ситуацијата дека и покрај многубројните обиди за зачнување и по неколку и месеци и години не вродува со успех, доведува до појава на неверување, тага, чувство на вина, чувство на помала вредност, немоќ…
Лутината е реакција на губењето на контрола над целата ситуација, и се јавува вина поради некои постапки од минатото кои резултираат до појава на овој проблем, а тагата е нормална појава како одговор на болната животна ситуација.
Но, од друга страна неплодноста претставува голем тест за бракот. Ваквата ситуација го отвара важното прашање дали сакаме да останеме со избраниот партнер без оглед на тоа дали ќе има потомство. Доколку односот е стабилен и се темели на прави вредности, кризата многу полесно ќе може да се надмине и кај двајцата партнери.
Не ги потиснувајте своите чувства, разговарајте.
Како по некое непишано правило, поголемиот број од паровите кои се соочуваат со овој проблем ја започнуваат играта “кој е крив“. Но од ова нема да извлечете никаква корист. Неплодноста е проблем кој е заеднички т.е брачен проблем и каков таков треба да се реши. Секако, како и за сè друго, преминувањето преку ваков голем животен проблем зависи од личностите, емоционалните, интелектуалните и социјалните карактеристики на партнерот, како и од поддршката, семејството, пријателите…
Добрата комуникација е клуч за силен и среќен брак. Иако ова ви звучи како клише, но тоа е навистина така. Замислете се со денови да ставате разни предмети во вашиот плакар, само затоа што ве мрзи или не сакате да ги ставите на нивното право место. По некое време, ако случајно го отворите плакарот сите работи ќе се срушат врз вас или пак потполно ќе ве затрупаат. Истото се случува и со чувствата. Ако постојано ги потиснувате, еден ден ќе експлодирате и нема да можете да ја избегнете емоционалната штета.
Многу е битно да разговарате отворено за сите можни опции за зачнување. Разговарајте со својот партнер за тоа што сè можете да пробате. Иако ова не е популарно во нашата култура, бидејќи многумина сметаат дека така си предизвикуваат поголема несреќа, но кога ќе можете да го изговорите проблемот и да споделите, ќе сфатите дека и не е така страшно како што изгледа.
Многу е важно да знаете кога треба да се повлечете
Доколку сепак и по сите обиди не успеете да забремените, паровите се соочуваат со донесување на важни одлуки, пред сè, дали ќе ја прекинат или продолжат терапијата. Многумина не можат да се соочат со фактот дека никогаш нема да можат да имаат свое родено бебе. Но, треба да сфатите дека не се работи за тоа колку сте успешни или не, туку дека тоа претставува физиолошки процес кој се случува неповрзано од вашите желби. Она што може да ви помогне е развивањето на свеста на повисоко ниво во однос на тоа дека сè што сте можеле сте направиле за решавање на проблемот. Затоа продолжете со своите животи исполнувајќи и други мисии и цели, бидејќи во животот не се работи само за една важна работа, ги има повеќе. Луѓето не се делат по тоа дали имаат деца или не, туку на тоа колку постигнале во животот и каква трага оставиле во големиот број на сегменти од животот.
На крајот, сепак можете да поразговарате за посвојување на дете. Моментот за ваквата одлука не треба да го одоговлекувате и да доаѓате до граници на целосна исцрпеност. Понекогаш помирувањето со реалноста и внатрешниот мир може да ве донесе до исполнување на магијата и чудесно да ве доведе до посакуваната бременост.
