Брзината на развојот на детето не е показател за неговата интелигенција, а колку повеќе време бебето поминува во игра и во друштво на грижливите родители, толку неговиот физички и психички развој е побрз.
Развојот на детето најлесно е да се мери со висината и тежината, но и со набљудување на начинот на кој тоа се однесува и комуницира со другите. Точките на когнитивниот развој, со внимателен надзор, проценка и рана интервенција со помош на педијатарот, можат да му помогнат на детето да го оствари својот полн потенцијал, вели педијатар д-р Кори Васерман.
Стандардниот начин за проценка на развојот на детето е користење на пресвртници или скокови во развојот т.е. работи кои повеќето деца можат да ги направат во одредена возраст. На пример, развојот на говорот, изговорот на првите слогови и зборови, превртување, лазење, одење и други фини моторни вештини како фаќањето, потоа социјално-емотивните вештини како насмевката и имитација на изразот на лицето, помагаат во одредувањето на степенот на развојот на детето.
Што е скок во развојот?
Тоа се деновите во кое детето изненадувачки развојно и моторички напредува, а како последица се јавува вознемиреност, промена во навиките на спиење и хранење, како и зголемување на апетитот. Скоковите во развојот обично траат неколку денови, па после тоа рутината повторно се воспоставува.
Родителите не мора да се грижат ако детето не се развива доволно брзо
Доцнењето во развојот се опишува како недостаток на општо зададените вештини за одредена возраст на детето, но важно е да се знае дека сепак тие не се меродавни и еднакви за сите деца, нагласува Кори. Особено е важно прилагодување на стандардите доколку детето е родено предвреме или пати од тегоби кои можат да го забават развојот, а индивидуалните разлики во развојот обично исчезнуваат до четвртата година од животот.
Студиите покажуваат оти нема докази дека децата кои порано се развиваат се поинтелигентни или подоцна поуспешни во животот, па некои застои во развојот не треба да ги оптоваруваат родителите.
Игрите, работата и песната можат да го поттикнат развојот
Правилните вежби кои ќе ја поттикнат моториката, како и работата со детето која опфаќа имитирање и што повеќе зборување на детето, можат да го забрзаат неговиот развој. Игрите, песните, доволната количина сон и адекватната исхрана, како и вообичаениот дневен ритам, ќе му помогнат на детето во неговиот развој и вкупното здравје.
Развојот на говорот на детето најмногу зависи од количината на времето поминато со него и целокупното семејно опкружување. Децата на кои родителите им посветуваат повеќе време и со нив почесто разговараат, се поразговорливи. Играњето со своите рачиња и испуштањето гласови, честопати е најпосакуваната забава на бебињата.
