Главно, сол се додава на крајот од подготвувањето на јадењето само кога рецептот содржи состојки како риби, морски плодови и маслинки. Во спротивно, подобро е умерено да се посоли јадењето уште во почетокот, а потоа, кога е речиси готово, само да се регулира вкусот. Меѓутоа, во некои случаеви, сол се додава во почетокот или на крајот од подготвувањето на јадењето, и тоа може многу да влијае на неговиот вкус.
Се посолува на почетокот:
Тестенини или ориз – на овој начин тие можат да ја апсорбираат солта. Кога станува збор за свежите тестенини, тие бараат повеќе сол бидејќи варењето е пократко.
Супа од месо – месото ги испушта своите сокови во водата, и супата станува повкусна и побогата.
Печурки – исто така и тие ги испуштаат своите сокови во водата, па не ризикуваат да се залепат на садот и нивната арома се зачувува.
Мајонез – солта полека ја „раствора“ жолчката и ја намалува можноста да се направат грутчиња во сосот.
Белки – изматени колку што е можно побрзо, тие стануваат поцврсти и остануваат стабилни подолго време.
Јајце за пржење – жолчките подобро се мешаат со белките и се добива похомогена смеса.
Зеленчук за пржење – останува повлажен, се пржи порамномерно и не гори.
Се посолува на крајот:
Бифтек – за да не ги изгуби соковите, кои му овозможуваат на месото да биде помеко и повкусно.
Црн дроб – доколку се посоли во почетокот, влакната ќе дехидрираат и месото ќе стане суво, тврдо и горчливо.
Пржена храна – апсорбира помалку масло за време на пржењето, станува помалку масна, исушена и останува крцкава.
Риба на скара – останува помека и посочна, а месото (особено кога е посно) нема да добие бледожолта боја.
Домати и салата – секогаш се посолува откако ќе се изнесат на трпезата, во спротивно ќе испуштаат вода и ќе ја изгубат цврстината.
Печени пиперки – на овој начин месото ќе остане цврсто и вкусно, а доколку не ги консумирате веднаш, подобро ќе се зачуваат.
Внимавајте на квасецот – Солта го спречува хемискиот процес на квасецот. Поради тоа, кога правите тесто за леб или пица, внимавајте квасецот да дојде во контакт само со брашното.
