Покрај негата, за време на одморот важно е да пиете многу вода и местата со изгореници да ги туширате со ладна вода три до четири пати на ден за да ја надоместите изгубената влага во подлабоките слоеви на кожата.
Доколку заборавивте на тоа колку е силно сонцето додека се сончавте, сега сигурно се измачувате со црвена и болна кожа. Помогнете си со некои од намирниците кои ги имате во вашата кујна.
Овесна каша
Направете освежувачка купка и во водата додадете две до три шолји мелена овесна каша и сè добро измешајте. Почекајте 10 минути па легнете во кадата и уживајте следните 20 минути до пола час. По купката, исплакнете ја кожата со ладна вода.
Овесната каша ќе ја смири кожата и ќе го ублажи пецкањето и иритацијата. Исто така, оваа здрава намирница ја чисти површината на кожата и побрзо ќе ја излечи.
Домати
Антиоксидансите во доматите се одлична превенција од инфекции на површината на кожата која е оштетена поради изложеност на силното сонце.
Извадете ги доматите од фрижидерот, излупете им ја кората, исецкајте ги во процесор или испасирајте ги со вилушка така што ќе направите каша. Додека е сè уште ладна, нанесете ја смесата на изгорениците и оставете да отстои половина час, а потоа отстранете ја со влажна крпа.
Јогурт
Мачкање со јогурт е добро познат метод за смирување на изгорениците од сонце бидејќи ги ублажува симптомите како пецкање и чувство на затегната кожа.
Критичните зони може да ги премачкате со дебел слој на ладен јогурт, а доколку сакате да го зголемие ефектот, тогаш измешајте го јогуртот со овесна каша, или пак, намачкајте се со јогурт и на него ставете краставици. Во секој случај, смесата држете ја 15-тина минути, исплакнете со ладна вода, па за еден час повторете ја постапката.
Сода бикарбона
Ако имате изгореници на поголемиот дел од телото, тогаш наполнете ја кадата со млака вода и во неа ставете половина шолја сода бикарбона. Легнете во водата и останете во неа околу десетина минути. Кај помали изгореници, на раните ставете облоги од ладна вода во која сте натопиле сода бикарбона и држете околу 15тина минути. Ова правете го повеќе пати во текот на денот.
