Sweet Home

Црно-бела приказна раскажана во 48 метри квадратни

Лоциран во срцето на Шведска, овој мал, но шармантен стан неодамна доживеал целосна трансформација, а крајниот резултат е нов ентериер, многу поелегантен и покласичен од оној претходниот.

Станува збор за мал стан кој што се карактеризира со црно-бел ентериер, класична и стилска комбинација која што се одржува во секоја од собите. Простирајќи се на површина од само 48 метри квадратни, апартманот поседува прекрасна бела кујна, дневна соба со малтерисани ѕидови, бања со стилски плочки, голем гардеробер и две тераси.

Сите ѕидови во овој дом се бели и речиси се претопуваат во исто така светлиот под, а модерниот и едноставен изглед е надополнет во целост со дискретните осветлувачки елементи.

Влезот е опремен со рустикална врата која води во овој светол дом. Ходникот исто така има бели ѕидови, но во оваа просторија тие се ставени во силен контраст со темните мат плочки на подот.

Оттаму се пристигнува до гардероберот каде што има доволно простор за складирањето на облеката и сите други работи од домаќинството, а правилното и лесно организирање е овозможено преку големиот број на фиоки и полици.

Дневната соба, трпезаријата и кујната создаваат еден поголем отворен простор кој исто така изобилува со многу белина и црни детали. Еден од ѕидовите во оваа просторија е варосан и сето тоа на целиот простор му дава по малку рустикално и инвентивно чувство.

Кујната е пространа и изобилува со површини за работа, а елементите во истата се изработени во бела боја, но се надополнети во одличен контраст со сиви детали и црна работна површина. Спротивно од кујната се сместени двете тераси кои што се само “јаготка на шлагот” во овој симпатичен стан.

 

Write A Comment