Стравот е нешто за што децата немаат избор и може да се јави преку ноќ. Може да бидат потребни неколку месеци, а некогаш дури и неколку години за едно дете да престане да се плаши.
Дури и да сметате дека стравот на вашето дете е смешен и бесмислен, разберете дека за него стравот е реален. Никогаш не го исмевајте(„Не биди смешен, тоа е само куче, нема зошто да се плашиш“) и никогаш не го користете стравот за да го плашите во одредени ситуации („Ако не јадеш, ќе ја викнам Баба Рога“). Пристапете му на проблемот со сериозност за заедно со вашето дете да го надминете она што го плаши.
Прашувајте го детето зошто се плаши. Комуницирајте на оваа тема преку игра. На пример, доколку се плаши од доктори, започнете да играте игра „доктор-пациент“. Разговарајте со вашето дете додека црта, затоа што така тоа ќе биде поотворено за разговор. Научете го дека чувството на страв е нормално и дека нема потреба од паника. Понекогаш само разговорот е доволен за детето да се ослободи од стравот. Дајте му повеќе информации за неговиот страв. Ако се плаши од кучиња, започнете да читате интересни сликовници во кои има фотографии од кучиња. Објаснете му дека кога ќе се изгасне светлото, собата останува онаква каква што била претходно и дека ништо не се менува. Бидете трпеливи и секогаш одговарајте на неговите прашања. И дополнително – децата учат од своите родители. Ако вие испаничите кога ќе здогледате пајак, голема е веројатноста и вашето дете да започне да се плаши од пајаци.
