Жолтицата се јавува како последица на зголемено ниво на билирубинот во крвта, кое се манифестира со пожолтување на склерите, кожата и слузокожата. Може да станува збор за прехепатална жолтица, хепатоцелуларна (при хепатитис, цироза, алкохолна болест на црн дроб), опструктивна (опструкција на жолчни патишта од метастази, жолчни камења), неонатална жолтица (жолтица кај новороденчиња) како и жолтица предизвикана од хепатитис.
Хепатитис претставува заболување кое се карактеризира со воспаление на хепаталните клетки, односно клетките на црниот дроб. Постојат повеќе причини кои доведуваат до хепатитис како прекумерна употреба на алкохол, траума, примање на одредени лекови и одредени автоимуни заболувања, но најчесто се јавува како резултат на вирусна инфекција.
Вирусниот хепатитис во најголем дел од случаите е предизвикан од хепатотропните вируси (A, B, C, D, E, F, G. Хепатитис А е најчестата форма на акутно вирусно воспаление на црниот дроб. Официјално светот регистрира околу 1,5 милиони случаи годишно, иако се смета дека стапката на застапеност на инфекцијата е 10 пати поголема. Ова заболување е тесно поврзано со лоши социо-економски услови и е најзастапено кај ниско развиените земји или земјите во развој.Времето на инкубација вообичаено е од 14 до 28 дена.
