Купувањето на точни обувки за детето воопшто не е лесна задача. Сите знаеме дека обувката не треба да биде премногу мала и тесна, но се чини дека и премногу големите обувки влијаат на детските стапала и ги прават пошироки.
Френк Мејер, директор на Институтот за спортска медицина на Универзитетот „Потсдам“ од Келн вели: „Во истражувањето учествуваа повеќе од 20000 детски стапала и резултатот нé изненади сите. Во последните години јасно се покажало дека трендот на проширување на стапалата кај децата е во просек еден до два милиметри поголем во споредба со податоците од 1996 година.“
Зошто доаѓа до проширување на стапалото кај децата сé уште не е до крај разјаснето, но Френк Мејер ја исклучува дебелината како причина, бидејќи тој податок е земен предвид во текот на истражувањето. Сепак, истражувањето покажало интересни резултати: повеќе од 40% од прегледаните деца носеле премногу големи обувки.
Причината поради која родителите купуваат поголеми обувки за децата е најверојатно штедењето, бидејќи се смета дека децата и онака многу брзо ќе ги надраснат.
Но, се исплати ли долгорочно тоа штедење ако е познато дека коските на стапалата се многу еластични и меки па лесно се деформираат во несоодветни обувки? Дополнителен проблем е тоа што децата кои носат несоодветни обувки често и не се жалат на било каква неудобност или болка, ни кај премногу малите ни кај премногу големите обувки. И едните и другите можат да го деформираат стапалото. Според ова истражување, во случајот со премногу големите обувки, на стапалото му недостасува доволно цврста поддршка па се проширува за да оставри подобар контакт со подлогата.
