Пример за дом што ги поседува сите овие карактеристики е апартманот што руското студио за дизајн на ентериери „Space4life“ го дизајнираше за млада двојка. Малиот апартман е целосно реконструиран и преуреден со освежувачки модерен дизајн и со многу детали што придонесуваат да изгледа широк и простран.
Дизајнерите целосно се посветиле во обмислувањето на дизајнот на ентериерот на апартманот што копнеел по нов изглед полн со светлина и со свежина. Тимот одлучил да ги спои дневната и спалната соба и притоа да не вметне конвенционални софа и кревет, туку да изведе две мултифункционални и практични платформи. Едната е поставена на едниот крај на просторот во форма на екстензија на прозорскиот праг, која има функција на софа, работна маса и шкаф, додека другата е поставена на другиот крај во просторот и има функција на кревет, држач за телевизорот и шкаф со огледало.
За уредување на ентериерот е употребена светла палета со цел апартманот да добие посветол амбиент, како и минимален и практичен декор и мебел за просторот да биде што послободен, наместо натрупан со тешки и гломазни елементи. Светлиот ентериер е надополнет со мебел и декор со нагласувачки бои, како и со еклектични „patchwork“ плочки во кујната и во бањата. Со едноставни елементи и мали детали, дизајнерите успеале да создадат пријатен и светол дом во кој владее хармонија.















