Избирањето на подарок за своето дете на прв поглед е едноставна задача, бидејќи отприлика знаете што сака детето, со што повеќе се заигрува, но одењето во трговските центри знае да нѐизбезуми и нас возрасните, а камо ли малечките. Така веднаш при влегување во продавница се фаќате за премногу играчки по акциски цени. После третата полица веќе не ги ни гледате цените, а до петтата полица имате работа од која продавачите добиваат инфаркт. Ја враќате веќе одбраната играчка било каде, и земате некоја нова, уште подобра.
При тоа не размислувате за продавачката која веројатно и таа има деца и поради вашата неодлучност и неред кој го оставате, можеби ќе остане час-два подолго на работа, за да врати сѐ во првобитна состојба од нередот предизвикан од сите загрижени родители. Загрижени за себе, но не и за другите. Дури ни за своите деца, бидејќи реално, децата најчесто за Нова Година и Божиќ сакаат нешто друго, а не исклучиво пластика на батерии.
Нормално зависи од возраста, но секое дете потајно сака нешто многу повеќе од љубов made in china. Секако, освен ако од првиот ден, покрај зборовите, мама, тато, баба, дедо го има и зборот„купи ми“, тогаш е потешко веројатно дека таквото дете ќе се задоволи со портокали подарени од прабаба, но веруваме дека се уште постојат деца кои многу повеќе ќе ценат нешто друго наместо играчките. На пример – семејството, доброто друштво, одморени родители подготвени за заедничко играње. Мора ли да ги објаснуваме причините за празниците?
1. Слатки– шарени лижавчиња, крем банани, чоколадо. Тоа сигурно и ви било на списокот за задолжителен подарок, но како нешто дополнително. Зошто како дополнителен, кога тоа подеднакво ќе го развесели детето како и огромниот камион кој сте го платиле прескапо, а радоста околу играњето со него ќе трае пократко од излижаното лижавче.
2. Топли шарени чорапи. Мислите дека вашето дете нема да се развесели со чорапчиња? Шарени се, нови се, нивни се и плус ќе ги грејат кога ќе излезете на една празнична игра. Ракавици? Совршено! Капа? Да, да нова е и грее! Шал? Мамо, тато денес не се враќаме дома, бидејќи мене ми е топло надвор! Кондурчиња, чизмички- нешто што му е потребно на секое дете, па доколку сте наумиле да му купите нешто од потреба на детето, зошто не би го спакувале како подарок наместо класичниот подарок?
3. Читач на мисли? Се шегуваме, тоа не постои, но бидејќи на жалост не можете да им ги прочитате мислите, пуштете ги бар сами да си одберат што ќе облечат. Сината или црвената капа? Новите или старите ракавици? Најомилената кратка маица? Зошто да не. Лесно се облекува врз блуза со долги ракави!
4. Друштво – нешто што децата сакаат повеќе од играчките е друштвото. Нова Година и Божиќ се семејни празници, па секако пробајте да ги поминете во што поширок круг на семејството и пријателите. Децата повеќе ќе се радуваат на гости, со туѓите играчки и во друштво. Повикајте и вие гости кај вас. Празниците нека бидат повесели поради луѓето и друштвото, наместо поради пластиката. Отидете некаде каде што вашето дете не било се уште, отидете некаде заедно со вашите пријатели и нивните деца. Посетете ги бабите и дедовците. Децата треба да ги памтат авантурите и топлината на најблиските, а не играчките кои и така веќе ги имаат во преголем број.
5. Книги и сликовници? Секако. Подобро е од камиони и кукли. Веќе знаете кои им се најомилени, од веќе по стотина пати прелистаните колекции, па за празниците подарете им ги продолженијата на тие книги. Одберете од веќе познатите ликови, некоја нова приказна и авантура.
6. Родители подготвени на сѐ. Ова е всушност најголемата желба на секое дете. Да има одморени родители кои се подготвени да подарат насмевка, друштво. Да ги земат за раце и да ги одведат надвор на играње, родители подготвени да им ги загреат срцата со глупирање и забава, родители кои ќе седнат на подот и барем за празниците нема да прават ништо друго, туку ќе им се посветат на децата.
