Motherhood

Совршени родители не постојат

Исто како што не постојат ниту совршени деца. Сите ние сме луѓе, со мани и доблести, а според својата природа далеку сме од совршенство.

И токму поради тоа сме единствени. Кога трагаме по најдобрите решенија и се обидуваме да бидеме подобри секој ден, тогаш, всушност, сме најдобри родители на нашите деца.

Многумина веруваат во митот за совршени родители – идеални татко и мајка кои растат среќни деца, без проблеми, недоумици и грешки. А вистината гласи: не постои совршен родител!

Честопати родителите се прашуваат дали некаде згрешиле во воспитувањето, особено кога децата ќе појдат на училиште и кога доаѓа до вообичаените проблеми во однесувањето. Понекогаш однесувањето на децата не е во склад со родителските барања: ги избегнуваат домашните работи, премногу време трошат на ТВ или компјутер, се караат со браќата и сестрите или имаат тешкотии со исполнувањето на училишните обврски.

Другите проблеми се однесуваат на децата што имаат природно „тежок“ темперамент или што сакаат повеќе независност отколку што родителите сметаат дека е неопходно. Исто така, на училишна возраст децата сè повеќе паѓаат под влијание на врсниците, па се стремат кон активности што некогаш родителите не ги одобруваат.

Поради горенаведените, сосема нормални и вообичаени проблеми и тешкотии, родителите понекогаш помислуваат дека нивните воспитни мерки не се доволно добри, дека некаде „потфрлиле“, дека, едноставно кажано, не се доволно добри.

НОРМАЛНО Е ДА СЕ ГРЕШИ

Како родител, морате да признаете дека е нормално да се чувствува загриженост, збунетост, лутина, а честопати и вина поради одредено несоодветно однесување на вашето дете. Тоа е сосема нормално, и тоа всушност е дел од родителството. Вистина е дека е залудно да се тежнее кон „совршено родителство“, во кое нема така да се чувствувате, бидејќи тоа е невозможно и неприродно.

Сетете се кога сте биле дете. Колку пати сте биле немирни и колку се грижеле вашите родители, ве корегирале или го санкционирале таквото однесување. Сетете се и како вие сте се чувствувале тогаш. Тие не биле совршени родители, ниту, пак, некој некогаш бил, ниту ќе биде! Многумина млади родители паѓаат во замката на изјавата „јас нема да ги повторам истите грешки како моите родители“. Можеби не баш истите, но грешки ќе прави секој родител.

Сите родители и сите деца прават грешки во своите обиди да комуницираат, да градат односи и да решаваат проблеми. Родителите треба да имаат доверба во себе и во своите инстинкти. Мајките и татковците воглавно имаат добра интуиција кога се во прашање нивните деца. Тие честопати знаат за родителството повеќе отколку што и самите се свесни, и не би требало да се плашат дека ќе згрешат. Децата се многу прилагодливи и ги простуваат грешките. Всушност, тие учат од родителските пропусти и за тоа треба со нив да се разговара отворено. Ако родителот е спремен да признае дека згрешил, на тоа сигурно ќе успее да го научи и детето.

ФЛЕКСИБИЛНО РОДИТЕЛСТВО

Меѓутоа, родителите што „живеат за своите деца“, честопати имаат високи очекувања и од себе и од децата, па затоа и ситуациите на разочарување, фрустрации и огорченост се многу почести. Тоа се родители кои целата своја лична исполнетост ја пронаоѓаат во улогата на родител, односно, во своите деца. Всушност, родителите би требало да имаат многу други други работи кои ги исполнуваат, како љубов и пријателство. Наместо од себе да очекуваат совршенство во родителската улога, би требало да пронајдат задоволство и во другите животни улоги: на работното место, меѓу пријателите, во односот со партнерот или родителите, во хобито или слично.

Што значи „флексибилно родителство“? Како родител, би требало да си развиете сопствена филозофија на животот, таква во која ќе се чувствувате пријатно, во флексибилни и прилагодливи рамки. Размислете за своите очекувања, за стилот на родителство и темпераментот, и за тоа како сето тоа се вклопува во личноста и темпераментите на вашите деца и партнерот. Не заборавајте дека, покрај тоа што сте родител, вие сте и многу други нешта, и треба да бидете исполнети и задоволни во многу области, а не само во родителската.

Родителството е голем предизвик, но може да биде и едно од најисплатливите и најпријатните искуства во животот.

ШТО ТРЕБА СЕКОГАШ ДА ИМАТЕ НА УМ:

·         Децата на иста возраст различно се развиваат социјално, емоционално, интелектуално и физички.
·         Нивото на зрелоста на детето може да варира во различните аспекти на развојот, влучувајќи ги и социјалните вештини, спортските способности или способноста за учење. Детето може да биде одлично во математика, но слабо во пишување (и обратно). Може да биде добро во кошарка, но да биде лош пливач.
·         Правецот во којшто детето се развива, како што беше горе опишано, може да даде некои трајни основи (на пример, добар математичар), но тие основи може да бидат и флексибилни, во зависност од многу фактори – семејни, културолошки, воспитни, општествени (можеби ќе се запише на книжевност и ќе биде успешен во својата работа).
·         Начинот на којшто детето се развива може да влијае на неговото однесување (и обратно).
·         Родителскиот стил на мајката и таткото, како и околината на детето, најмногу влијаат на однесувањето и развојот.

Write A Comment