Секој труднички стомак е посебен, како и жената која го носи и детето кое расте во него. Иако, во таа смисла постојат митови, фактот дека носите високо или ниско или дека имате кружен или шилест стомак нема никаква поврзаност со тоа дали носите момче или девојче.
Причините за различните форми на стомак често се поради мајчината градба.
· Доколку сте ситни и со нежна градба, детето нема толку многу место за ширење како кај покрупните жени. Затоа кај вас стомакот се појавува порано и обично е повеќе истурен кон напред.
· Кај жени со мала карлица, детето во доцната бременост не може до крај да се смести со главата на дното на карлицата. Затоа стомакот останува високо и се истакнува кон напред.
· И држењето влијае на обликот на стомакот! Кај жените кои имаат хиперлордоза на ‘рбетот (испакната задница и стомак), односно имаат малку паткасто држење, стомакот автоматски се истакнува кон напред и делува поголем.
· Доколку стомачните мускули се цврсти и жената е во добра форма, стомакот нема така силно да се истакне, како на пример кај жена која не е во форма.
· Важно е и колку плодова вода го опкружува детето. Таа може да варира од 300 mlдо 1500 ml, па разликата секако се одразува и на големината на стомакот.
· Колку повеќе деца има родено жената, стомакот ќе ѝ биде се понизок, а ќе има се потркалезна форма. Имено со бременоста, мускулите на матката, стомачните мускули и целокупно околното ткиво се растегнуваат. Поради тоа ткивото на жена која веќе родила повеќе никогаш нема да биде така цврсто како порано.
