Без оглед дали дамката е на облеката, килимот или на мебелот, најважно е да се отстрани додека е свежа. Домашните средства што ги имате дома може да бидат ефикасни исто како и купечките.
Дамката од кафе натопете ја со млака вода во која сте ставиле и малку сол. Оставете да отстои два часа, па измијте ја. Ако дамката се гледа и понатаму, направете мешавина од оцет и алкохол во иста мера, натопете крпа и со неа истријте ја тврдокорната дамка од кафе.
Чоколадото е исто така омилена намирница чии остатоци често може да се најдат на чаршавот на масата, на крпите или на навлаките на каучот. Добрата работа е што чоколадото мошне лесно се отстранува со обичен детергант и ретко остава дамки.
Крвта може да направи трајни дамки и затоа треба да се отстрани веднаш штом се направи. Измијте ја со ладна вода во која треба да додадете малку сол. Ако дамката од крв веќе се исушила, можете да ја отстраните со долготрајно потопување во ладна вода во која сте ставиле детергент.
Дамките од масло можете да ги отстраните од ткаенина со помош на пудра. Напрашете ја ткаенината со пудра и оставете да стои. Откако пудрата ќе ја впие маснотијата, исчеткајте ја од ткаенината. Ако е потребно, повторете ја постапката неколку пати. Ако немате дома пудра, сличен ефект може да се постигне и со брашно или сол. На дамката ставете сол и неколку капки сок од лимон и добро измијте со вода.
Дамките од овошје и зеленчук најчесто се отстрануваат со сол и лимон.
Киселото млеко исто така е добро за отстранување дамки од овошје. Потопете ја ткаенината во кисело млеко и оставете цел ден. Потоа исперете ја ткаенината на вообичаен начин. Ако треба, повторете ја постапката.
