Како и секоја есен, и оваа им се препорачува на девојките да ја “смират” својата гардероба со неколку парчиња во природни топли „земјени“ тонови. Дури и во модните додатоци преовладуваат природни тонови и материјали: коноп, памук, кожа.
Еве едно не толку едноставно упатство за алка која можете да ја изработите од врвка, неколку метри конец и монистри! Ви предлагаме да бидете амбициозни и да се обидете!
Што сè ви е потребно:
Врвка – кожна, ленена, памучна… сеедно. Важно да е силна, а мека. Може да биде во црна или кафена боја;
Конец, по можност во боја која одговара на бојата на кожата, или на монистрите, а да не е многу тенок. Ако сакате пошарена варијанта, слободно експериментирајте;
Монистри;
Две штипки за хартија – овие се појаки од обичните штипки за облека, изгледаат токму како на фотографијата десно.
Нешто на што ќе ја прицврстите врвката – тука ви препорачуваме да користите некој постар послужавник кој ќе одговара на димензијата на алката;
Игла со која ќе можете да ги нижете монистрите;
По желба, некое декоративно копче со две дупчиња или покрупна монистра;
Секундарен лепак.
За да ја имате точната должина која ви е потребна за единечна алка, измерете ја раката над глуждот и на таа бројка додадете 1-2 сантиметри, зависно од тоа колку комотно сакате алката да ви паѓа на
дланката, плус 4 сантиметри за закопчување. Доколку сакате подолга алка, мерете двојно!
Од таа бројка што сте ја измериле помножете по четири и ја добивате должината на конецот кој ви е потребен за да ги нанижете монистрите. Кај монистрите можете да бирате – од обични стаклени, вистински или
вештачки бисери, или перли од полудраги камења, кој колку може да си дозволи. Погрижете се тие да бидат покрупни од врвката што сте ја одбрале.
Кога ќе ја врзете јамката во јазол (внимавајте таа да е доволно голема за да го собере вашето копче, но не преголема, оти лесно ќе се откачува), заедно со конецот на кој ќе ги нижете монистрите, капнете една капка секундарен лепак и почекајте да се исуши, така ќе се погрижите дека кончето нема да се одвои! Не се грижете ако се појави бело на местото каде што сте ставиле лепак, со носење ќе се избрише.
Откако ќе ги нанижете монистрите, имате избор: доколку сте се решиле за закопчување со јазол, врзете двоен јазол преку прстот, капнете неколку капки лепак и почекајте да се исуши преку ноќ; утредента
можете вишокот од врвката да го исечете, доколку го има. Доколку пак сте се решиле за копче, треба на почетокот да го ставите копчето, пред да ги нижете монистите. Оставете еден сантиметар простор помеѓу
монистрите и копчето и намотајте го конецот неколку пати и капнете од лепакот. Кога ќе се исуши, нанижете ги монистрите и кога ке завршите, конецот заедно со врвката ќе ги врзете во јазол, ќе оставите простор
за јамка, па повторно ќе врзете јазол на крајот. По една капка лепак на двата јазли и веќе утредента ќе можете да се пофалите со вашата нова алка!

