„Ние сме двојка. Ние сме вљубени. Сигурна сум дека ќе дојде момент кога ќе се претставиме и ќе раскажеме приказни, но се надевам дека луѓето ќе разберат дека сега е време за нас“.
Вака американската актерка Меган Маркел за прв пат ги коментираше односите со британскиот принц Хари. Во простран портрет за новиот број на списанието „Венити фер“, таа зборува за врската со принцот и медиумската бура која ја следи, за својата актерска кариера и за мешаното потекло.
Доколку двајцата склучат брак, таа ќе биде првата Американка, која влегла во кралското семејство, по Волис Симпсон – жената поради која чичкото на актуелната кралица Елизабета, кралот Едвард Осми, се откажа од тронот пред повеќе од 80 години. Вестите за односот на Маркел со принцот Хари доведоа до таков интерес, дека тој се принуди јавно да побара медиумите да престанат да ја малтретираат неа, нејзиното семејство и блиските.
– Има свои предизвици, сè е на периоди – во некои денови е потешко отколку во други – вели таа за неочекуваната слава.
И покрај тоа што таа е ѕвезда на серијата „Suits“, светот ја дозна Маркел токму поради нејзината врска со Хари. Таа беше најпребаруваната жена на „Гугл“ во 2016 година.
– Беше изненадувачки како работите се променија од самиот почеток, но имам мрежа на поддршка околу мене и, се разбира, поддршката на мојот дечко“.

Актерство
Таткото на Маркел – Томас, работел во Холивуд и таа пораснала на сетот. „Секој ден во период од десет години, по училиште, бев на сетот на „Married with Children“. Беше многу забавно и перверзно место за девојче од католичко училиште“, вели таа.
Маркел учи театар и меѓународните односи на Универзитетот во Илиноис и во својата последна година стажира во Американската амбасада во Аргентина. Кога одлучува да се оддаде на актерството, нејзините родители ја поддржуваат.
– Ме гледаа како одам на аудиции, се обидувам да врзам крај со крај, работам што ќе ми дојде, за да си ги платам сметките. Бев хостеса, секакви работи, какви што актерите работат. Татко ми знаеше колку е тешко за еден актер да си најде работа, па затоа тој беше најмногу горд на мене што успеав.
Вознемирување
Британските таблоиди се нафрлија врз Маркел со ред обвиненија – дека е разведена, дека е католик, дека е од мешано потекло (мајка и е афроамериканка). Традиционално, овие три карактеристики би спречиле можен брак со Хари, иако и претходно биле нарушувани.
Во ноември „Daily Star“ пишува „Принцот Хари може да се ожени за гангстерска славна личност – неговата нова љубов е од криминален кварт на Лос Анџелес.
– Идната свекрва уште живее во Креншоу опкружена со крвави грабежи и насилства поврзани со дрога.
Од палатата Кенсингтон реагираа со невообичаено остро соопштение против „бранот навреди и малтретирање“.
– Мислам дека на крајот е многу едноставно. Ние сме двајца среќни и вљубени лица. Се среќаваме дискретно околу шест месеци пред веста да излезе, во тоа време работев и единственото нешто што се промени, беше како гледаат на тоа луѓето. Јас сум истата, никогаш не сум се определила за мојата врска – вели таа.
– Не читам весници. Дури не читам како ја одразуваат „Suits“. Блиските луѓе ме потсетуваат која сум. Останатото е врева.

Добротворност
За Хари, да продолжи со каузите на неговата мајка – принцезата Дијана, е мисија во животот. Маркел исто така има интерес кон филантропијата, поттикната од мајка и Дорија Рагланд. Таа е глобален амбасадор за христијанската невладина организација „World Vision Canada“, работела со ОН за зајакнување на жените и била советник на меѓународната хуманитарна организација „One Young World“ по прашањата за половата еднаквост и современото ропство.
