Секоја возраст има свои посебности и бара определени материјали, средства и играчки за детските активности. Ви презентираме некои карактеристики од 0 до 18 месечна возраст значајни при изборот на материјалите, средствата и играчките со кои ќе се занимава и дружи бебето.
Според следните карактеристики треба да направите и избор на вистинските играчки за Вашето дете:
Од раѓањето до 4. месец детето постепено воспоставува контрола на главата, се интересира за предметите и сака да си игра, има се поголема способност да ги следи предметите кога се движат, им се радува на звуците, особено на човечките гласови. Веќе на 4 месеци бебето може да приближи некој предмет до себе и да го турне.
Меѓу 4. и 8. месец децата најпрвин ќе дофатат некој поголем предмет со двете раце, подоцна полесно фаќаат и помали предмети и тоа со една рака. При крај на овој период (4.до 8. месец) веќе го набљудува предметот кој го држи в рака, го преместува од едната во другата рака и скоро секогаш го преиспитува. Бебето научува да седи самостојно, а со тоа и рацете се слободни за различни активности.Се зголемуваат и социјалните способности: детето изнаоѓа начини да го привлече вниманието (се смее, ги подава рачињата, произведува различни гласови). Особено е радосно кога прави гласовни варијации.

Во периодот од 8. до 12. месеци детето е опседнато со движењата: лазење, влечење, тркалање, обиди да седне и сето ова упорно го прави. Покажува и голем интерес да ги испитува својствата на материјалите и предметите, удирајќи ги, стискајќи ги, а веќе почнува некои предмети да употребува како алатки. При крајот на овој период (12. месец) предметите веќе може да ги реди еден врз друг, да ги преиспитува со различните сетила, да ги истура, да ги става едни во други итн.Се зголемува способноста за разбирање на говорот и детето сака да му се зборува, ужива кога ги имитира гласовите и гестовите на другите.

Помеѓу 12. и 18. месец најголем број деца веќе самостојно одат.Така се отвораат можности за уште повеќе разновидни активности. Детето се радува кога се движи слободно во просторот, кога преместува, турка и влече предмети. Се зголемува способноста за манипулација. При крајот на овој период се јавува интерес елементарните секојдневни активности што ги забележува околу себе детето да ги изведе на поитересен начин: како божем нуди чаша млеко, става кукла да спие, брише прашина итн. Се јавува и интересот за сликовници, кај детето се развива способноста за фрлање, сака да се протнува низ мал простор, ужива да ги покажува предметите што другите ги именуваат.
