Породувањето е остварување на сонот за многумина и кулминација на повеќемесечно исчекување. Тоа е момент на награда за сите денови од бременоста, несоница, болки во грбот, но и слатко исчекување. Раѓањето дава живот, тоа е последен подарок кој можеме да го дадеме и да го примиме, по кој ќе бидеме благодарни засекогаш.
Всушност, така би требало да размислуваме. Меѓутоа, породувањето понекогаш може да биде малку непријатно искуство за многу мајки. Најчесто прашање меѓу трудниците е дали породувањето боли и колкав е, всушност, интензитетот на таа болка. Ова прашање е особено често кога станува збор за првото дете, односно за првиот пород. И покрај зголеменото знаење благодарение на информациите кои се достапни за раѓањето, се уште не се чувствуваме пријатно при помислата на проодувањето, па и најхрабрите меѓу нас почнуваат по малку да се плашат од тој момент.
Веројатно најдобар начин да дознаете што повеќе за породувањето е за тоа да разговарате со својот гинеколог, медицинскиот персонал, и со пријателките кои веќе имаат деца. Речиси без исклучок, ќе добиете многу корисни совети од медицинскиот персонал и жените кои имаат мали деца. Соберете информации од различни искуства. Исто така, можат да ви помогнат и медиумите како што е телевизијата, бидејќи сега се достапни и ТВ канали кои многу зборуваат за породувањето каде дури можете и да видите како породувањето изгледа. Интернетот исто така е место каде можете да соберете информации. Важно е притоа да знаете дека секое искуство е индивидуално и дека зависи од многу фактори.
Кога е во прашање вашето породување, важно е да знаете дека, во повеќето случаи, имате можност за избор на болници. Без оглед на тоа дали вашата бременост ја води гинеколог од болница во која имате намера да родите или не, одете пред терминот во болница, запознајте се со персоналот и направете барем еден преглед таму. Ќе ви биде многу попријатно кога ќе дојде моментот на породување и кога ќе се најдете во познато опкружување во болницата која веќе сте ја посетиле. И запаметете, доколку дојде до непланиран тек на породување, болничкиот персонал веќе многупати се соочил со слични проблеми.
И да одговориме на прашањето од насловот: да, породувањето боли. Речиси невозможно е да се опише со кој интензитет е болката, бидејќи таа е индивидулна кај различни жени. Меѓутоа, важно е да знаете дека ќе имате време помеѓу контракциите кога ќе можете да се одморите и да се подготвите за следниот бран на контракции, а после секоја контракција сте се поблиску до моментот кога на болката сосема ќе заборавите. Во моментот кога ќе го здогледате својот мал „подарок“ секоја болка ќе исчезне како да не постоела, а во вашиот живот ќе настапи нова ера. И уште нешто: уживајте во породувањето, па колку тоа неверојатно да звучи. Раѓањето на новиот живот е единствено чудо на природата кое на крајот, ве исполнува со гордост и среќа. За среќа, без страв и со многу оптимизам зачекорете во незаборавно искуство на создавање на живот.
