Sweet Home

Кафеава боја во домот

Кафеавата боја најчесто ја поврзуваме со чоколадото, дрвото итн., но ретко кој помислува на тоа како би изгледал нашиот дом кога би бил уреден токму во оваа боја. Кафеавата боја има многу нијанси, почнувајќи од најсветлите нијанси, преку костенливата, светло чоколадната, бојата на кафето па сè до нејзините најтемни тонови.

Кујните во нијансите на кафеавата боја може да се искомбинираат во кантри стил, но може да бидат и многу модерни. Особено во комбинација со светла беж нијанса, кафеавата боја го добива својот вистински изглед. Но кафеавата боја исто толку добро изгледа и во комбинација со посмели бои како портокалова, зелена или тиркизна.

Во однос на тоалетите, оваа боја може да се користи. Но доколку имате мал простор, во никој случај не ја одбирајте подната подлога во кафеава боја. Визуелно ќе се смали просторот, убавината на кафеавата боја нема да дојде до израз.

Кафеавата боја е боја на земјата и е поврзана со природата. Тоа е боја која означува сигурност и стабилност. Оние кои ја сакаат оваа боја се конвенционални и уредни личности. Исто како за белата, и за кафеавата боја се вели дека на просторот му дава доза на уредност. Кафеавата боја е мешавина на црвена, сина и жолта.

Во дневните соби не се препорачува доминација на кафеавата боја бидејќи таа визуелно го смалува просторот. Детали, завеси или стази би биле сосема доволни.

Ако ја сакате кафеавата боја, вие сте практична личност која упорно ги следи своите цели и која знае да ужива. Потешкотиите не ве вадат од колосек и секогаш го наоѓате решението. Доколку вашиот ходник е во кафеава боја тогаш тој ќе изгледа уредно и со стил, но сепак не претерувајте со доминацијата на кафеавата боја бидејќи можете да го загушите просторот.

Од терапевтска гледна точка кафеавата боја делува смирувачки, особено врз личност на која ѝ е потребен одмор. Според ова, внимателно одберете ги просториите во кои планирате да доминира кафеавата боја.

Write A Comment