Кристин Кабот тврди дека таа и нејзиниот шеф веќе се беа разделиле од своите партнери пред концертот
Кристин Кабот, поранешната шефица за човечки ресурси во технолошката компанија „Астрономер“, за прв пат јавно зборува за „Тајмс“ за снимката од концертот на „Колдплеј“ што стана вирална.
На неа се гледа како таа го прегрнува Енди Бајрон, нејзиниот тогашен оженет менаџер, на камера поставена да ја снима публиката на концерт во Бостон. „Или имаат афера или се само многу срамежливи“, се пошегува пејачот Крис Мартин додека двајцата се обидуваа да се сокријат и да ги покријат своите лица.
Снимката од 16 секунди, која ја снимил друг посетител на концертот и ја објави на „ТикТок“, стана едно од највиралните видеа во историјата за само неколку дена, со повеќе од 150 милиони прегледи. Тоа предизвика онлајн потера по дуото, за кое се веруваше дека е фатено на дело.
„Ова не беше прељуба, па дури и да беше…“
Кабот, која сега има 53 години, никогаш јавно не проговори за искуството. Во интервју за „Тајмс“, мајката на две деца изјави дека прегратката била прв пат таа и Бајрон да покажат физичка интимност. И двајцата, вели таа, биле пријателски разделени од своите сопружници во тоа време.
„Можеше да ме удри гром, можев да добијам на лотарија, или ова можеше да се случи“, вели таа за фактот дека интимниот момент бил емитуван пред 50.000 луѓе на стадионот, а потоа и пред милиони корисници на социјалните мрежи. Вниманието, признава таа, можеби било оправдано доколку станува збор за позната личност или јавна личност. „Но, јас не сум позната личност, јас сум само мајка од Њу Хемпшир. Дури и да беше прељуба, тоа не е ничија работа“, рече таа.
Кабот се приклучи на „Астрономер“, технолошкиот стартап управуван од Бајрон, во ноември минатата година како директор за човечки ресурси. Таа има децениско искуство во водечки рекламни агенции, каде што нејзините колеги ја сметале за ѕвезда во областа на управувањето со човечки ресурси.
Таа вели дека слушнала само пофалби за Бајрон. Сите биле вистинити. Тој бил шеф кој се погрижил жените да имаат место на масата и дека женскиот глас во просторијата е подеднакво важен како и гласот на секој друг. „Тоа беше првата компанија за која работев во индустрија доминирана од мажи каде што чувствував дека мојот пол не е проблем“, вели таа.
Тие тесно соработуваа и споделуваа визија за компанијата. „Дефинитивно мислев дека е згоден и си помислив: ‘Не работам тука…’“, се сеќава таа. Околу еден месец пред концертот, тие си кажаа еден на друг дека се разделиле од своите партнери. Кабот се разделила од својот сопруг, Ендрју, извршен директор на семејната дестилерија за рум „Приватер“, додека Бајрон се разделил од својата сопруга, Меган, наставничка.
Со текот на времето, нејзините чувства кон него се развиле во она што таа го опишува како „голема, среќна симпатија“. Кога еден пријател ѝ дал два бесплатни билети за концерт на „Колдплеј“, таа решила да го покани Бајрон на концертот.
„Се чувствував на врвот на светот“
Ноќта на концертот, нејзината 14-годишна ќерка, едно од двете деца што ги има со својот прв сопруг, Кенет Торнби, ѝ пратила порака дека Ендрју, нејзиниот неодамна отуѓен сопруг, ќе биде таму. Подоцна дознала од пријателка дека Ендрју дошол на концертот на прв состанок со друга жена. Таа вели дека тоа ѝ ја смирило совеста што била таму со Бајрон.
Пред да ги фати камерата, Кабот вели дека се чувствувала „на врвот на светот“. „Седевме на задниот дел од стадионот, на спротивната страна од сцената, во целосен мрак, чувствувајќи се анонимно меѓу 50.000 или 60.000 луѓе“, вели таа. „Танцувавме, јас испив неколку пијачки. Енди стоеше зад мене и ние танцувавме“, вели таа.
Не ја слушнала најавата дека камерата ќе ја снима публиката. „Одеднаш, нè видов на голем екран“, вели таа. Нејзиниот инстинкт бил да го покрие лицето, додека Бајрон се обидувал да се наведне и да се скрие. „Првата мисла ми беше: ‘Срање, Ендрју е тука’. Се разделивме мирно и пријателски. Се грижев дека ќе го засрамам. Тој е прекрасен човек и не го заслужуваше ова“, рече таа.
Видеото стана вирално со брзина на светлината
Набргу потоа следеше втора мисла. „О, Боже, Енди е мојот шеф. Ова изгледа навистина лошо. Бостон не е голем град. И иако не беше бизнис настан, можеби таму имало инвеститори или вработени“, помисли таа. Нејзината долгогодишна пријателка Алаина е жената што нервозно се смее во видеото.
Кабот и Бајрон брзо го напуштија местото на концертот додека се обидуваа да сфатат што да прават. Тие се согласија дека треба да испратат заедничка порака до одборот на директори на „Астрономер“, во случај видеото да стане вирално. Тие се вратија со такси до местото каде што ги паркираа своите автомобили. „Беше тивко на патот. Се што можев да мислам беше: ‘Ендру ќе ме убие’ и ‘Што ќе правиме со нашите работи?’“, рече таа.
Потоа се возеа до нејзиниот дом во Рај, Њу Хемпшир, на повеќе од еден час оддалеченост. Откако се разделија, Кабот и Бајрон разговараа по телефон неколку часа, доцна во ноќта, размислувајќи за формулацијата н а нивната порака до одборот. Околу 4 часот наутро, нејзиниот тогаш веќе поранешен партнер Ендрју ѝ испратил видео кое веќе циркулирало на интернет. „Мислам дека треба да знаеш дека ова е надвор“, пишувало во пораката.
Кабот се обрати пред одборот на „Астрономер“ следниот ден наутро. „Се извинив што станав дистракција. Не беа воодушевени, но беа фер. Само рекоа: ‘Вакви работи се случуваат’“, рече таа. Ѝ беше кажано дека одделот за човечки ресурси ќе отвори истрага. „Тоа беше чудно, се разбира, бидејќи тоа нормално би била моја работа“, додаде таа со смеа.
Кабот сакаше да им каже на своите деца, на нејзината ќерка и на 16-годишниот син, што се случува пред да го слушнат тоа од некој друг. „Ќерка ми се расплака и рече: „Претпоставувам дека ова значи дека навистина се разведуваш“, додека нејзиниот син се обидуваше да ја утеши велејќи дека „веројатно наскоро ќе заврши“. Но, тоа не беше случај.
Видеото беше широко дистрибуирано, од доцноноќни ток-шоуа до озборувачки рубрики. „Колдплејгејт е суров потсетник дека камерите се насекаде“, напиша „Њујорк тајмс“. Темата беше дури и покрената на прес-конференцијата во Овалната соба со претседателот Доналд Трамп.
Лута е на Гвинет Палтроу
Приказната ги имаше сите елементи на сензација: сомневање за прељуба, технолошки директор и шефица за човечки ресурси поврзани со едно од најбогатите семејства во Нова Англија, бидејќи се проценува дека семејството Кабот вреди милијарди долари.
Самата компанија „Астрономер“ додаде масло на огнот со тоа што ја вклучи глумицата Гвинет Палтроу, поранешната сопруга на Крис Мартин, во промотивно видео. Згрозена, Кабот ги фрли сите производи што ги поседуваше од нејзиниот бренд Goop. „Бев голем обожавател на нејзината компанија, која се чинеше дека е посветена на јакнење на жените. И потоа таа го направи ова. Си помислив: „Како се осмелува, по сè низ што и самата помина. Какво лицемерие“, рече таа.
Целиот нејзин живот, вели таа, бил сведен на 16 секунди. Никогаш не стигнала да го гледа видеото, иако повремено се принудувала да ги чита коментарите. „Станав меме. Најомразената менаџерка за човечки ресурси во историјата на професијата. Како жена, како што често се жените, издржав најголем дел од злоставувањето. Ме нарекуваа спонзоруша, велеа дека сум спиела со некого за да напредувам, што е апсолутно спротивно на вистината. Цел живот работев за да ги разбијам тие стереотипи, а потоа одеднаш бев обвинета дека правам токму тоа“, вели таа.
Не е во контакт со својот поранешен шеф
Откако видеото стана вирално, таа се повлече во Airbnb во планините на Њу Хемпшир на неколку дена. Бајрон поднесе оставка истата недела. Внатрешна истрага на „Астрономер“ заклучи дека нема докази за афера меѓу него и Кабот, иако одборот на директори изјави дека од раководителите на компанијата се очекува да бидат модели на однесување во однос на стандардите на однесување и одговорност, а тој стандард не беше исполнет во овој случај.
Кабот, исто така, поднесе оставка кратко потоа, и покрај тоа што беше замолена да остане. „Како можам да останам кога мојата работа е да им покажам на другите како се однесуваме, какви се нашите стандарди и вредности?“, прашува таа. Ако ситуацијата не се претвореше во интернетски линч, вели таа, можеше да им се спротивстави на своите вработени, да ја признае својата грешка и да остане на работното место.
Кабот и Бајрон останаа во контакт некое време, разменувајќи совети за комуникација во кризни ситуации, но оттогаш не разговарале. Таа вели дека била тажна што никој од тимот на „Колдплеј“не се јавил или не издал соопштение за да ја смири ситуацијата, за која верува дека Мартин ја иницирал. Портпаролот на бендот одби да коментира.
Таа почна да добива бројни закани
Кабот официјално поднесе барање за развод од Ендрју во август. Брачната состојба на Бајрон е непозната, иако тој и неговата сопруга беа видени како прават пикник на плажа во Мејн кон крајот на септември. Тие не одговорија на барањата за коментар.
Во неделите и месеците по концертот, Кабот доби илјадници текстуални пораки, е-пошта и писма на нејзината домашна адреса. Локална радио станица ја објави нејзината адреса, а таа почна да добива закани од луѓе кои ѝ пишуваа велејќи дека знаат каде пие кафе и каде полни бензин.
Таа цело време се прашуваше дали Бајрон поминува низ истото. „Знам дека многу луѓе ќе речат дека ова е мртва приказна. Но, за мене, ова не е завршено. Ниту за моите деца. Вознемирувањето никогаш не престана“, рече таа.
Многу луѓе озборуваат за неа, странци ја навредуваат на улица. Децата сè уште се засрамени кога таа доаѓа да ги земе од училиште или кога се појавува на нивните натпревари. „Тие се лути на мене. И можеби ќе бидат лути до крајот на животот. Морам да го прифатам тоа“, рече таа. Таа ги изгубила пријателите, па дури и членови на семејството кои никогаш повеќе не разговарале со неа. Се обидува да најде нова работа, но ѝ велат дека е „невработлива“.
Ефектите од јавното срамотење се опширно проучувани. Истражувањата покажуваат дека жените се посклони
