Sweet Home

Домот во сино

Сината боја е многу повеќе од една боја од спектарот која човечкото око може да ја забележи. Таа е дел од човечката природа, симбол за аристократија, префинетост и општествен престиж. Боја на мир, инспирација, контемплација, духовност и мистерија. Пред сè, сината е и боја на свежината. Со сите овие епитети, јасно е дека покрај тоа што е неизоставен дел од нашиот животен простор, може да биде и исклучително употреблива во дизајнот на ентериери.

Доколку се користи промислено и умерено, сината боја може позитивно да влијае на расположението. Со овој предуслов, таа е употреблива во било кој дел од домот: од спалната и дневната соба, па за сè до ходникот и бањата.

Најчесто се користи при уредување на бањите бидејќи нијансите на сина боја даваат чувство на отворен простор во кој преовладува вода, што пак создава чувство на свежина. Со сините плочки во бањата, одлично се вклопуваат и елементи, односно детали во сина боја, како што се држачи за сапун, пешкири, завеси, латици на суво цвеќе итн., но не треба и да се претерува со бројот на сини детали.

Со сината боја одлично се комбинира белата боја. Инаку сината е студена боја, па доколку сакате да го направите просторот поенергичен и попривлечен потребно е да се комбинира со некоја комплементарна боја, како што е портокаловата, која ќе ги нагласи нејзини добри страни.

Сината боја е особено погодна за спалната соба. За тоа најдобро говори алтернативната медицина во која терапијата со бои е исклучително популарна. Докажано е во медицината дека сината боја го намалува повишениот крвен притисок. Во собите во кои преовладува сината боја човекот најдобро се одмора и, според некои, најбрзо заспива.

Посебно се препорачува во мали простории бидејќи како студена боја таа визуелно ги оддалечува ѕидовите. Затоа неретко се употребува во кујните, кои многу често го заземаат најмалиот дел од домот, но и поради фактот што сината го поттикнува интелектот и го намалува чувството на глад.

Write A Comment