Sweet Home

Африкански стил во домот – 1 дел

Бескрајни пејзажи до каде погледот продира, широки прашливи пустини, длабоки влажни џунгли и можеби најпрекрасните зајдисонца во светот. Африканската колоритна флора и фауна се непрекинат извор на инспирација за секој дизајнер, за секој креатор. Оаза на егзотични видови растенија и животни, на племенски и домородни обичаи и традиции, африканската култура нуди интересно и орнаментно стилско уредување на домот, за едноставен, софистициран и релаксирачки изглед, кој секогаш ќе претставува тема за зборување со вашите гости.

Минималистички стил со африканско декоративно уредување

Африканските внатрешни уредувања можат да бидат убав начин за внесување на уникатниот пејсажен флер на Африка, директно во вашите четири ѕида. Африканскиот ентериерен дизајн е популарен изглед во последно време, но сепак несекојдневен. Навистина е убав избор за декорирање, со кој би можеле да живеете комфорно и удобно. Креирањето на еден ваков изглед и не е толку тешко, сè што ви треба е имагинација и нормално адекватни асесоари.

Современо ентериерно уредување акцентирано со топол африкански декор

Овој стил на уредување допушта комбинирање со современиот модернистички дизајн на ентериерите, што лесно се изведува со користење на декоративни асесоари и својствено африкански елементи.

 

Класично племенски, орнаментни декори

Африканскиот ентериерен дизајн е со едноставен, класично традиционален изглед. Собата не треба да е обилно натрупана. Одлучете се за едноставни, рамни ѕидови со отворена и јасна боја како основа за вашата шема на бои. Топли неутрални бои се добри – крем, беж, кафеави тонови.  Веселите сончеви бои како портокалова и жолта, песочно кафеава, керамична и црвената, за акцентирачки и фокусен ѕид, изберете потемна, топла боја. Длабоки и богати бои како чоколадно кафеавата боја или длабоки црвени, жолти или портокалови бои, кои се среќаваат во зајдисонцињата на Африка, се идеални избори кога станува избор за боја на декорот. Можен избор е и зелената боја, доколку сакате да постигнете џунгловски изглед. Ако се одлучите за зелената боја, обидете се да не ги комбинирате со црвена или портокалова боја, зашто ќе тргнете кон комплицирање на изгледот.

 

Топли и јаки бои на африканското зајдисонце

Африканскиот ентериерен стил своите инспирации најмногу ги црпи од природата, па затоа подот треба да е од природен материјал со природен изглед. Најдобар избор е патосирањето со тешко и едноставно дрво, тиково дрво, махагони или бамбус. Доколку пак сакате навистина невообичаено дрво и сте во можност да го набавите, одлучете се за зебраното, навистина е прекрасно. За оние кои се љубители на поладниот амбиент, керамичниот гранит или каменот се исто така можен избор за под. Размислете и за подни покривки, кои секако треба да придонесуваат за природен изглед, а добар избор е килимот од морска трева или пак волнените килими во кремови, беж или кафеави нијанси. Животинското крзно и кожа (вештачки се разбира, бидејќи сме љубители и чувари на животинските видови на нашата планета), се исто така одговарачки избор, но внимавајте да не претерате и на крај да добиете соба со расеан изглед. Доколку пак сте љубител на нешто поколоритно и возбудливо, набавете килим со традиционално племенски дизајн и шари, апстрактни и примитивни орнаменти, полни со јаки бои и едноставни форми.

 

Напиши коментар