Sweet Home

Африкански стил во вашиот дом 2 дел

Едноставен и удобен, африкански стил на спална соба

Мебелот се одржува едноставен, тој е цврст и најчесто од темно дрво. Изберете махагони или тиково дрво и изберете рустикален стил на мебел. И во мебелот преовладуваат природните материјали. Софата и тапацирите може да се од прекрасна кафеава кожа или кремово неутрален лен или памук. Во основа, се држи кон еднороден материјал без премногу внесување на животински принтови, освен ако тоа ви е целта и желбата, насекаде принтови од зебри или чити. Вистина е дека овие принтови често се користат и се едно обележје на африканското декорирање, но не претерувајте, умереноста е секогаш најдобра.

Мал допир на африканската флора и фауна преку ѕидна апликација

Прозорците одржувајте ги едноставни и лесно прекриени. Ролетната најдобро е кога е од природен материјал како темно дрво или бамбус. Завесите може да се од тенко и ленено платно во земјени тонови, а за внесување на секојдневието на Африка, може да поставите и мрежа против комарци!

Трофеи на африканската култура во дневната соба

Вистина е дека асесоарите се најлесниот и најдобар начин за внесување на одреден изглед во просторот. Иако не сте биле во Африка и не сте се вратиле со торба традиционални сувенири и најразлични племенски изработки, сето тоа можете да го набавите во многубројни продавници за декори, преку интернет и сл. Есенцијални елементи на африканскиот стил се племенските и сафари предметите. Набавете и поставете некоја племенска маска на ѕидовите, ги има во најразлични големини и интересни изведби. Размислете и за статуетките на домородци, изрезбани од темно дрво, исто така и дрвени изработки на некои животни, како слонот, носорогот, жирафите, читите, антилопите, крокодилите и др. Типични декоративни предмети се и рачните изработки на африканските жени.

Животински апликации влеани во уметничко декоративен, ѕиден елемент

Животинските принтови секако дека се дел од Африка и претставуваат шеми и мостри без кои скоро и не постои африкански стил на уредување. Разните африкански ткаенини за најразлична намена, во разни бои и дезени се исто така силен декоративен носител на овој стил, тука се и дрвените сандаци и ковчези изрезбани со племенски орнаменти, сламените додатоци, шарените пердуви на некоја птица и сл.

Доколку сте љубители на слики и фотографии, изборот на темата внимавајте да е африканска, зајдисонце, животни од африканскиот континент, пејсажи и луѓето кои го населуваат. И како завршен допир, не заборавајте големи, зелени, разгранети и широколисни растенија. Нивното зеленило нека замени една пространа грмушка, која создава длабока сенка, во жешкото пладне на црниот континент.

Напиши коментар