Sweet Home

Есенски ентериер

Есента е веќе тука – со пониски температури и со разнобојна облека, а шарената есенска палета не поттикнува да го промениме и изгледот во својот дом. Почувствувајте ја топлината на есенскиот ентериер во домот со неколку едноставни декорации.

Есента обично не асоцира на дрвени гранчиња, паднати лисја, круши, тиква и многу жолти кафеави, зелени и златни тонови. Токму овие природни нијанси ја создаваат топлината на есенскиот ентериер и дејствуваат смирувачки на свеста. Воопшто нема потреба да го менувате целиот мебел – доволни се само неколку декорации во земјени бои.

Лесно е самите да направите декорации, вклучете го сезонскиот зеленчук, лисјата, оревите, шишарките и свеќите. Природните етерични масла од лимон, јаболко и цимет даваат незаборавен есенски мирис. Покрај тоа, тие ќе ви помогнат да се изборите со есенската депресија и да се релаксирате.

На дополнителна клуб масичка аранжирајте неколку јаболка, свеќи и стапчиња цимет. Ако имате слика со есенски пејзаж, сега е време да и најдете место и да ја комбинирате со куп исушени листови. Ако имате камин, можете да го аранжирате со свеќник од ковано железо и неколку сезонски плодови.

И покрај тоа што Ноќта на вештерките кај нас не се слави официјално, не значи дека тиквите не можат да се применат во домот како декоративен елемент. На праговите на прозорците можете да ставите неколку мали тикви различни по форма и големина. Саксиите со цвеќиња можете да ги ставите во плетени корпи. А можете да ставите и вазна со букет сончогледи.

Со секој нов есенски декоративен елемент ќе му дадете топлина на домот. Останува на вам и вашата фантазија за декорација.

Напиши коментар