Sweet Home

Гламур во домот

Не мора да имате антиквитети или да потрошите огромна сума пари на тешки завеси и персиски килими за домот да ви изгледа раскошно и луксузно. Со малку фантазија и некој трик, старите работи може да добијат нов сјај.

Прекријте го брачниот кревет со разнобојни раскошни прекривки, ставете перници во убаво хармонизирани бои, кои се согласуваат со другите елементи во собата. Така, на пример, темноцрвената боја одлично се вклопува со бојата на чоколадата.

Ако имате убави шапки, чанти или чевли, не треба да ги криете. Синџирчињата и шапките можете да ги закачите на ѕидот, па не само што ќе ви бидат на дофат на раката, туку и ќе изгледаат како декор. Чевлите, особено салонките во разни бои, ставете ги покрај гардероберот.

Уметничките дела, сликите и фотографиите врамувајте ги во имитација на сребрени и златни рамки, кои секогаш треба да одговараат на колекцијата.

Со неколку сатенски перници, секоја софа или фотелја изгледа гламурозно. Изберете бордо боја, која поради сјајот, изгледа многу богато и дава отменост на секој материјал.

Огледалата, особено оние постарите со позлатени рамки, и даваат луксузен тон на собата. Добар избор се за во соби во кои доминираат темни бои. Поставете ги спротивно од прозорците или во централниот дел на собата за да биде најголем ефектот.

Висечките кристални лустери најлесно даваат ефект на гламур. Секако постојат и имитации, кои еднакво добро изгледаат, а значително се поевтини.

Сместете фина, удобна фотелја во барокен стил во аголот на дневната соба, најдобро е до столна ламба, за свое катче за читање. Изгледа луксузно и елегантно во ваквите случаи.

Боите, исто така, се значајни. Па, така кармин црвената боја е совршена за трпезаријата или за дневната соба, особено ако сакате да акцентирате некој дел од просторијата. Побарајте стаклени чинии во сафирна или во кобалт сина боја, кои изгледаат сјајно и на дневно и на вештачко светло. Обојте еден кујнски ѕид во смарагдно зелена или една полица во дневната соба на која ќе ги наредите сребрените предмети. Виолетовата боја одлично се комбинира со метални детали, кои ја смируваат, како и со златни или бронзени, кои даваат топлина на амбиентот.

 

Напиши коментар