Убавина

Како до перфектно нанесен кармин

Карминот е еден од најпопуларните сојузници на женската убавина. Може да се каже дека ниту една шминка не е комплетна без малку боја на усните. Лошо нанесениот кармин може повеќе да ви одмогне отколку да ви помогне во постигнувањето на гламурозен изглед. Затоа следете ги нашите совети за правилно нанесување на усните

1. Ексфолијација на усните.

Колку и да сте умешни во нанесувањето на карминот, ако вашите усни се испукани и набрчкани, нема да бидете задоволни од она што ќе го видите во огледалото. Направете си домашен пилинг и отстранете ги мртвите клетки. Доколку брзате и немате време да правите ексфолијација, издвојте 1-2 минути по миењето на забите и со четката за заби нежно протријте ги усните. Така ќе се ослободите од непријатните кожички и ќе добиете совршено мазни усни.

2. Омекнете ги усните.

Нанесете балсам за усни, вазелин или хидратантен крем. Оставете го 1-2 минути и отстранете го со салфетка. Кожата на усните ќе омекне доволно за да можете рамномерно да го распространите карминот.

3. Нанесете подлога.

Идеална подлога за карминот е пудрата за лице. Земете мало количество течна пудра и разнесете го врз усните, а потоа напудрете ги и со транспарентна пудра во прав или камена пудра. Тоа е мал трик којшто ќе ви помогне карминот да трае подолго, а и ќе го спречи непријатното разлевање.

4. Оцртајте ги контурите.

Пред да ставите кармин, со помош на молив за усни оцртајте ги контурите, т.е. обележете ја областа во која ќе нанесете кармин. Користете молив чија нијанса е иста како карминот или само една нијанса потемен. Некои професионални шминкери препорачуваат да се користи молив за усни во иста боја како самата кожа на усните.

5. Обојте со кармин.

За да бидете попрецизни и да не ги преминете линиите кои штотуку ги нацртавте, користете четка за да го нанесете карминот. Започнете со нанесување од едниот и движете се кон другиот агол на усните, а потоа вратете се наназад. Подотворете ја устата за да можете да нанесете кармин и во аглите. Некои жени преферираат да го нанесуваат карминот со прст или пак директно.

Како безгрешно да ги оцртате усните?

Потпрете го лактот од раката на стабилна подлога за да избегнете неправилно исцртување.

Со моливот означете 3 точки на средината на горната усна, на пределот којшто има „V“ форма (две точки на највисоките делови на усната и една на долниот дел на „V-то“).

Спојте ги точките и движете се од средината кон краевите на усната. Оцртувањето правете го со кратки движења.

И оцртувањето на долната усна направете го од средината кон краевите.

 

Напиши коментар