Дестинации

Кападокија

Еден регион во централна Турција е особено познат по својата природна убавина, културно и историско наследство.

Тоа е првиот впечаток кога човек ќе стапне во Кападокија, област во Анадолија, голема колку Македонија. Кападокија се простира на околу 20.000 квадратни километри и навистина личи на космички пејзаж пресликан од некој научнофантастичен филм, од некоја далечна планета на која само навидум нема живот. Кападокија е мистичен, таинствен предел. Се што се наоѓа над земја и под земја е фасцинантно и неверојатно. Се разбира, чудесата на Кападокија не се дело на вонземјани, туку дело на човештвото и автентична историја на човечката цивилизација.

Како настанала???

Она што посебно фасцинира и создава импресии кои се незаборавни, се 36-те подземни градови кои се откриени, а уште неколку пати повеќе чекаат да бидат докрај истражени и откриени. Се’ уште е непознато колку време им требало на луѓето да ги завршат, колку луѓе работеле на нивната изградба, како овие величествени места биле изградени, како се отстранувани ископаните купишта земја… Историчарите и археолозите констатираат дека ова било извонредно тешко да се направи со оглед на технологијата што постоела во тоа време, иако тврдат дека нема задача која човекот со својата генијалност и напорна работа не може да ја заврши. До денес никој не знае кои биле првите луѓе што ги изградиле овие подземни градови, кога тие се изградени, од каде дошле овие луѓе, и која била намената на овие градови. Се разбира, има многу логични претпоставки и блиски до вистината, но историјата е наука која признава само автентични докази кои мораат да бидат потврдени со научна поткрепа. Она што може со сигурност да се каже за подземните градови на Кападокија е дека прво се копале отворите за воздух кои, како своевидни канали за вентилација, се спуштале на 75 до 80 метри под површината се до подземните води, а потоа се копале разни простории и тунели, лево и десно од овие отвори за воздух. Земјата била изнесувана низ овие канали и низ окната, а за тоа се користеле еден вид макари. Ако претходно немало отвори за воздух, луѓето не би можеле да работат поради недостиг на воздух, па тие величествени места најверојатно никогаш не ќе биле изградени. Долго истражувале археолозите каде што се исфрлала земјата што се ископувала и како таа била отстранувана. Нивната констатација е дека ископаната земја од подземните населби на голема длабочина и кои опфаќале простор од четири квадратни километри би требало да направи голем куп земја која требало да се исфрли. Единствен можен одговор е дека ископаната земја била фрлана во речните корита во областа полна со долини каде што, најверојатно, имало доста реки кои подоцна исчезнале поради ерозија. Има претпоставки дека еден дел од земјата бил нанесуван врз вулканската лава и така што било погодно за земјоделството. Затоа и околината и ден денес е плодна. Повеќето од подземните градови биле изградени во места каде што била вулканската лава која е доста мека, но се стврднува во контакт со воздух. Не би било возможно да се изгради подземен град со техниката на тоа време ако теренот не бил мек. Во овие подземни градови можат да престојуваат од 15 до 20 дена над 15.000 луѓе што навистина изгледа импресивно. Повеќето историчари докажуваат дека тоа го правеле првите христијани во периодот кога христијанството било забрането, па морале да се засолнуваат византиските војски додека Византија не го примила христијанството.

Кападокија денес е туристичко место, со единствени геолошки, историски и културни вредности. Карпите во овој предел еродирале во стотици спектакуларни столбови и оџаци.

Карпите се релативно меки, и жителите на тамошните села ги издлабиле за да формираат куќи, цркви и манастири.

Во овој предел има повеќе од 30 цркви и капели издлабени во карпите, некои се насликани со извонредни фрески кои датираат од 9 – 11 век.

Денес можете да ја посетите Кападокија и да преспиете во апартман кој е издлабен во карпите и уреден во турски стил.

 

Напиши коментар