Sweet Home

Мало, но сепак пространо

Декорирањето и уредувањето на малите станови или гарсоњери честопати знае да биде вистински кошмар,а резултатот да биде чувство на нелагодност или чувство на изгубен простор. Но, сепак со неколку мали интервенции можете малите простории да ги направите пространи. За да бидеме попрагматични,ќе наброиме неколку предлози во однос на вашата селекција.

 

Бирање на мебел

При опремување на мали простории,барајте што помали модули, делови на мебел со што е можно повеќе отворени површини,на пример двосед со видливи ногарки, две табуретки и стаклена клуб масичка се подобар избор од некоја фотелја, двосед со скриени ногарки и пространа клуб маса.

Распоред на елементи

При распоредувањето на мебелот и неговите елементи, насочето го вашето внимание да имате непрекинато движење во просторијата. На пример започнете со двоседот, како најголем дел од вашиот мебел, кој ќе го поставите пред најголемиот ѕид во вашата просторија и кој ќе биде ориентиран кон внатрешноста на просторијата. Потоа обмислете и делче, катче за разговор. Од двете страни на двоседот поставете табуретки, фотелја или  столови, а потоа клуб масата поставете ја во централното место,од каде ќе биде достапна за сите позиции на седење.

 

Декорирање

Во малите простории посебно внимателни треба да бидете со декоративните елементи. Запомнете дека доколку сакате да го избегнете чувството на задушеност и нелагодност, важи правилото – помалку е повеќе. Огледалата како и сјајно рефлектирачките површни како што се стаклото и лексанот ќе допринесат да просторот изгледа поголем. Поголеми примероци користете исклучиво на елементи како перниците и слични помали декоративни елементи,а избегнувајте ги на софата, двоседите или  фотелјите.

Како да одберете боја

При одбирањето на бојата, барајте благи и монохроматски бои и нијанси. Бојата за ѕидовите прилагодете ја на поголемите делови од мебелот што ги имате во просторијата а плафонот оставете го со бела основна боја кој секогаш ќе одржува баланс.

 

Осветлување

Правилно распоредете ги светилките и креирајте изедначена светлост во целата просторија. На овој начин ќе ги избегнете сенките што се создаваат на мебелот кои визуелно непотребно  ја делат просторијата. Амбиенталните светла исто така ќе допринесат во создавање на атмосфера во просторијата. Генерално избегнувајте лустери,бидејќи они создаваат чувство на понизок плафон а со тоа и  визуелно смален простор.

Пропорција и бои

Најдобар начин да се опише пропорцијата е величината. Бојата влијае на пропорцијата во просторот. Прифатлив и општо познат е ставот дека белата боја и светлите бои визуелно просториите ги прави поголеми а темните и јаките бои ги прават работите поблиски една со друга,односно поголеми отколку што се.

За крај

Ентериерот на вашиот мал стан или гарсониера уредете го чисто и едноставно. Исфрлете се што не користите и што не употребувате бидејќи што помалку гужва – дотолку помалку стрес. Во малите станови помалку е повеќе.

 

Напиши коментар