Неверојатни се ефектите кои ги создаваат огледалата во вашиот дом со својата присутност во просторот. Малиот простор многу едноставно може да се претвори во голем со неколку оптички поигрувања – со примена на огледала во вистинска големина и на вистинското место.

Освен визуелното зголемување на просторот, огледалата ја рефлектираат дневната светлина и ја пренесуваат во потемните простории. На тој начин делува како светлосен коректор на просторот. Примената на огледалата бара точно одредена позиција и агол на поставување, во зависност од поставеноста на прозорците. Обликот и големината на огледалата зависи од посакуваните ефекти, но поголемите димензии секако нема да бидат грешка.

Огледалата одлично ги неутрализираат површините на кои се поставуваат. Доколку од одредени причини сакате да го затскриете ѕидот или некоја преграда во просторот, поставете огледала, и површините ќе станат невидливи. На ист начин можат да се неутрализираат и столбовите, кои заради конструкцијата мора да бидат на одредено место, но се визуелно „непожелни“. Огледалата помагаат и да се создаде симетрија во просторот каде и не е вистински присутна.

Играта со огледалата создава илузија која станува вистинска, особено кога ќе направите комбинација на големи и мали огледала, со различни облици и агли на поставување.

Најчесто се употребуваат во бањата. Огледалата со голема површина се идеални за мали бањи за да се постигне ефектот на голем простор, а препорачливо е во вакви бањи огледалата да немаат рамки.

Задолжителен елемент на секој влез во домот е огледалото, кој овде може да се користи како оптички коректор. Се поставува на ѕидот или на вратите од плакарите, со цел да ја рефлектира комплетната фигура и да го зголеми значењето на влезниот простор.

Во спалните соби најчесто се поставуваат на ѕидот над ноќната масичка, како декоративен елемент, или на плакарите.

Во дневните соби и трпезариите обично имаат чисто декоративна функција, но огледалото како детаљ е најчесто применливо во домовите, бидејќи успешно се вклопува во сите стилови на уредување.

 

 

Напиши коментар