Motherhood

Моменти за време и по бременоста кои никој не ви ги кажал – 1 дел

Бремена сте! Сосема сте возбудена – и сосема исплашена. Нејасни слики на туркање количка и менување валкани пелени ви минуваат низ главата, но како е навистина да се биде мајка?

Следат неколку нешта кои вашите пријатели и родители (и сите останати) нема да ви ги кажат, а би требало да ги знаете.

Сè околу вас одеднаш станува неверојатно опасно

 

Светот отсекогаш бил релативно опасен, но во моментот кога бебето ќе пристигне, одеднаш сè станува алармантно. Ќе се плашите од пасивното пушење, од издувните гасови на колите, од можното железо во играчките, од можните бактерии и вируси на рацете на сите оние кои ќе сакаат да го погалат вашето бебе… Како да излезете на крај со овие стравови? На почетокот многу тешко, но како што ќе минува времето ќе согледате дека не можете да го заштите детето од сè. Освен тоа, милиони деца се живи и здрави, а живеат во истиот свет како и вашето сонце.

 

Откако бевте главна ѕвезда девет месеци, одеднаш сте во втор план

Можеби се навикнавте непознати да ви го нудат нивното место да седнете и да ве прашуваат како се чувствувате. Но откако дојде бебето, вие сте стара вест – вашата улога е да храните, да менувате пелени, да го нишате бебето, и тоа е тоа. Сите сакаат да знаат како е бебето, сите подароци се за бебето, а масажата на стапалата со која сопругот ве изненадуваше сега е резервирана за розовите ножиња на бебето. Соочете се, вие сте сега на задното седиште и ќе бидете таму до крајот на животот. И нема да ви биде удобно, како што му е убаво на малото суштество кое сега си нана во креветчето, без ниедна грижа на светот.

Никогаш повеќе нема да изгледате исто во костим за капење?

Без разлика колку добро изгледа Хајди Клум после раѓањето на бебето број 12, вие ќе имате стрии и капилари во форма на пајажина. Освен ако не инвестирате мало богатство во скапи третмани за слабеење, мазнење и затегање, никогаш повеќе нема да изгледате сосема исто во костим за капење (извинете, ама така е). Но, доколку немате намера да одите на скапи третмани, советот е едноставен: ставете ги бикините на дното од фиоката и купете монокини (и така во моментов се апсолутен тренд).

Ноќе ќе мислите дека сте побудалеле

Во средината на ноќта, логиката исчезнува. Додека доите, може да почне да ве фаќа паника дека бебето може да ви падне од рацете. Ќе почувствувате потреба на секои 5 минути да проверувате дали бебето дише, сè додека не паднете од умор покрај колевката. Кога конечно ќе го прифатите фактот дека не мора постојано да го набљудувате бебето и дека морате да отспиете меѓу две доења, ќе почнете да се плашите дека нема да го слушнете како плаче. Недостатокот на сон предизвикува ирационален страв, но не очајувајте – со првите сончеви зраци нештата веднаш ќе почнат да изгледаат поведри.

Совршените мајки ќе бидат и ќе останат енигма

 

Знаете на кого мислиме – на оние мајки кои можат да туркаат количка и да пијат кафе за носење во исто време, и чии деца никогаш не плачат. Кој ги научи да бидат такви? Дали оделе на курс пред да останат бремени? Совршените мајки се движат грациозно, ги имаат сите најмодерни детски продукти на располагање, си ја имаат вратено линијата што ја имале пред да останат бремени и вообичаено се појавуваат токму кога вие сте во нај засрамувачката ситуација. Воопшто не ви се допаѓаат „совршените мајки“ и не можете да ја поднесете помислата да разговарате со нив, но мора да имате предвид дека и тие имаат лоши денови и дека понекогаш, во очите на другите, вие сте „совршената мајка“.

 

1 Коментар

Напиши коментар