← НАЗАД НА БОЗА

Полици – најкорисен украс во домот

Полици – најкорисен украс во домот
3123 Читања

Полиците претставуваат најсеопфатен и најефективен начин за чување на различни предмети, без разлика дали полиците се самостоечки или се дел од парче мебел. Усогласени со останатите елементи во просторот, полиците можат да бидат исклучително привлечни, но доколку се направат без никакви естетски мерила можат да го направат просторот пренатрупан и нехармоничен. При усогласувањето на полиците со останатите елементи во просторот, треба да се води сметка и за зачувување на нивната функционалност.

Некогашните полици со строги, рамни линии денес повеќе не претставуваат правило. Денес тие добиваат разновидни, необични облици, како резултат на креативноста и фантазијата вградени во нивниот дизајн. Во минатото можеби претставуваа здодевно и недопадливо парче мебел во домот, но денес многу често претставуваат предмет на восхитување, кој на домот му дава дополнителна естетска вредност.

Покрај основната функција, тие може да се употребуваат и како преграден елемент, со кој во една просторија може да се добие уште еден дел од просторот кој ќе има друга намена.

Материјали за полици

Масивното дрво при изработка на полиците претставува поскап материјал, но и материјал кој со себе, покрај цврстината, носи и долготрајна природна убавина,.

Како поефтина замена за масивното дрво се употребува иверката, која како материјал е достапна во повеќе дебелини и дезени.

Полиците од стакло најмалку го “оптоваруваат” просторот. Стаклените површини се светкави, што дополнително може да се нагласи со добро осветлување. Посебно се погодни за чување на предмети во бања. Поради кршливоста на стаклото, при нивно поставување се употребува и метално појачување ,што ја зголемува нивната цена. Стаклото како материјал лесно се брише, но исто така негов недостаток се видливите отпечатоците од прстите кои се оставаат при допир.

Кога станува збор за поставување на полици во гаража или стакленик, полиците од галванизиран метал се соодветен избор. Тие обично се купуваат во делови, можат да имаат различна носивост, а предност може да претставува нивната прилагоденост за чување на разни алати. Доколку се оштетат тие кородираат, а нивен недостаток е и ограниченоста во однос на дизајнот.

Совети за избор на полици

При купувањето или, доколку ги правите сами, при изработката на полиците обрнете внимание на следното:

– добро размислете за тоа кои предмети имате намера да ги чувате на полиците. Измерете ги предметите, а земете го во предвид и просторот за нивно поместување,

– определете колку се предметите длабоки во однос на длабочината на полицата и предвидете неколку сантиметри повеќе,

– размислете како ќе ги чистите полиците, со цел да направите соодветен избор на материјал од кои ќе бидат изработени,

– доколку на полиците се наоѓаат електрични уреди, размислете за поставување на позадина со кои ќе ги сокриете жиците или пак за вградување на приклучок за струја во самата полица.

 

Коментари

© 2011 boza.mk | Дизајн - element.mk