Motherhood

Семејни дилеми

Родителите сигурно се многу среќни кога ќе добијат нов член во семејството и сакаат да го поминат најголемиот дел од времето со нивното најмило. Но дали времето кое го поминуваме со нив е квалитетно? Традицијата говори дека луѓето во овој случај мислат дека колку е времето подолго, толку е и подобро.

Поради ова многумина размислуваат дали се подготвени за проширување на семејството покрај сите нивни обврски околу работата, домаќинството и најразличните животни ситуации. Дури има и луѓе, особено мајки, кои ја напуштаат кариерата и целиот нивен живот воопшто за да му се посветат на одгледувањето на своето дете ( особено ако финансиски можат да си го дозволат истото). Сепак, дали е ова најпаметната одлука за нас и нашето дете? Би требало работата да е дел од нашата личност, тогаш како ако напуштиме дел од неа, се уште можеме да кажеме дека сме живи или пак уште поважно, среќни? Без двоумење, децата ја чувствуваат разликата.

Од друга страна, имаме ситуации кога родителите ги оставаат своите деца да бидат згрижени од трети лица. И сето ова би било во ред доколку кога конечно ќе стигнат дома родителите не би сакале нивните деца да играат потивко или да заспијат порано за да можат да се одморат по напорниот работен ден. Родителите се несреќни затоа што не се задоволни од тоа како ја одиграле својата родителска улога. И повторно децата го чувствуваат тоа.

Прашањето е неминовно, која е вистинската формула и  дали воопшто постои?

Одговорот на ова  прашање не е лесен, а уште помалку неговото реализирање. Сепак како и за скоро се во животот, рецептот е во успешното балансирање, во жонглирањето меѓу семејните и работните обврски. Успешен е оној кој има кариера, поуспешен е оној кој има семејство, а најуспешен е оној кој ги има  двете.

Луѓето честопати мислат дека седењето дома, подготвувањето оброк и гледањето телевизија, додека вашето дете само си игра е време поминато со семејството. Единствените разменети зборови во оваа ситуација се наредби за тоа како треба или како не треба нешто да се прави. А што е со детскиот дух кој е инхерентно љубопитен и сака да ја осознае околината и светот околу себе? Во тоа всушност и се состои квалитетот, во осознавањето заедно со вашето дете. Колку и да е времето кратко, дури и еден час дневно е доволен за да се покаже љубовта и грижата. Гледањето заедно некој филм, слушањето музика, играњето некоја игра, читањето приказни, заедничките прошетки зачинети со неизбежните илјадници детски прашања и вашите објаснувања и одговори се она што е потребно.

Што се однесува до времето  кога би започнале да го правите  ова, научниците велат колку порано, толку подобро. Уште додека бебето е  во вашата утроба, тоа реагира позитивно  на вашиот глас, милувањата и на родителската љубов.

Затоа, уживајте во времето  поминато со вашите деца, а во мојот следен текст дознајте за уште еден начин како можете заедно да учите и да се забавувате со вашето најмило.

 

Напиши коментар