Sweet Home

Стаклена топка – неизбежен новогодишен детаљ

Многумина од вас сигурно се восхитуваат на едноставноста, а во исто време и перфектната убавина на новогодишните стаклени топки. Тие го преставуваат светот во мало. За многумина се најсовршениот новогодишен украс, кој со својата уникатност и разновидност дава шарм на новогодишната атмосфера.

Овој украсен предмет е одличен детаљ кој се вклопува во секое ќоше на домот, под елката или на полиците и масата. Ви презентираме куса куса историја за тоа како снежните топки станале популарни украси насекаде низ светот.

Многумина сметаат дека стаклените снежни топки потекнуваат од Франција, а првите вакви украси биле изработени на почетокот на 19. век. Првата документирана топка е со минијатура од Ајфеловата кула, изложена во 1889 во Париз. По париската изложба интересот за изработка на снежните топки се зголемил кај голем број уметници и занаетчии во Франција и оттаму, низ другите европски земји, каде најчесто се продавале како сувенири во туристичките области.

На почетокот на 20 век трендот на снежните топки се шири низ САД, но најголемиот дел кои се продавале кај Американците биле изработувани во Германија. Во 1927 една американска компанија го добива патентот за изработката, по што почнуваат со производство на сопствени топки во различни стилови и за секакви пригоди, настрана од Божик и Нова година.

За време на втората светска војна во масовното производство на снежните топки е откриена и нова корист од овие украси – рекламирањето. Многу компании (прва компанија која ја видела користа од рекламирање со помош на стаклените новогодишни топки е Coca – Cola), успеваат да ја искористат како маркетинг можност.  За жал, во овој период овие уникатни декорации  почнуваат да се сметаат за „евтини“ и „невкусни“ и голем дел се произведуваат од пластика.

1970  и периодот до денес се сметаат за ново раѓање на стаклените снежни топки како уметнички и колекционерски предмети. Продавниците за подароци и сувенири сѐ почесто се враќаат кон оригиналната изработка од стакло и со уникатни фигури.

Еден куриозитет поврзан со овој декоративен предмет е што е една од најиконичните сцени во филмовите, како што е на пример почетната сцена на „Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс, која е веројатно најпознатата снежна топка.

Напиши коментар