← НАЗАД НА БОЗА

Столиците во вашиот дом

Столиците во вашиот дом
1248 Читања

Носењето на одлука за тоа какви столици ќе се купат може да биде сложена задача, бидејќи на пазарот има голем избор на различни модели, бои, материјали и димензии.
Столиците секогаш биле тема на дизајнерите, па многумина од нив станале познати токму со нивно дизајнирање. Иако дизајнирани пред неколку децении, и денес се во тренд, бидејќи врвниот дизајн и квалитет имаат свое место во сите стилови на уредување.

Големина на просторот

При изборот на столици, внимание треба да се обрне на просторот во кои треба да се сместат. Доколку просторијата е помала, изберете столици со помал формат и во посветли бои. На тој начин ќе бидат помалку упадливи во просторот и тој ќе се доживува како поголем и попростран.
Големите и осветлените простори се како создадени за избор на столици со поголем формат во темни, светли или интензивни бои. Погрешен избор во голем простор може да се случи ако поставите премали столици, кои по својата димензија потполно ќе се изгубат во пространоста на собата. Иако пространоста е пожелна, нејзиниот неправилен однос со одредени парчиња мебел ќе го направи просторот празен и непријатен за престој.
Кога просторот е потесен, соодветни се столици со светли бои и со помали димензии

Тип на просторија

Изборот на столици ќе зависи и од типот на просторијата во која се сместуваат. Кујнските столици треба да бидат практични и лесни за поместување, удобни за седење и лесни за одржување.
Сместување на тапациран мебел во кујната ќе се покаже како лош избор после неколку валкања со храна или течности. Пластична, дрвена или метална столица со перниче претставува квалитетен избор за простории во кои е зголемена можноста од валкање на парчињата мебел.
Удобните столици тапацирани со ткаенина или со кожа се одличен избор за трпезариите кои се поврзани со дневната соба, бидејќи тие освен за обедување, идеално ќе послужат како надополнување на местата за седење. Со својата удобност ќе овозможат пријатно седење на секој гостин.

Материјал за столици

Изборот на материјали за столиците би требало да зависи од постоечкиот мебел. Доколку доминира дрвена покуќнина, столиците од истиот материјал би биле соодветно надополнување на амбиентот. Добар избор се и столици или полуфотељи, кои потполно се пресвлечени со ткаенина, кожа или некој вештачки материјал.
Модерните простори со минималистичко уредување може да ги прифатат скоро сите типови на столици – од модерните со изведба во дрво, метал или пластика до стилски, кои би дале контраст и акцент во просторот.
Изборот на завршните облоги е индивидуален, но сепак треба да се обрне внимание на тоа колку избраниот материјал е удобен за седење, дали предизвикува потење, колку е студен, колку е чуствителен на валкање и абење. Бојата на столиците обидете се да ја усогласите со некоја боја од ентериерот, дезенот на завесата и сл.
За крај, финансискиот фактор…На пазарот денес постои голем избор на најразлични модели и цени, што овозможува да се избере добро дизајнирана, удобна столица, која ќе биде во склад со потребите за ентериерното решение, како и со вашите финансиски можности.

Коментари

© 2011 boza.mk | Дизајн - element.mk