Sweet Home

Суво цвеќе како декорација во домот

Понекогаш е доволна само некоја свеќа или едноставна ваза со свежо цвеќе. На тој начин повеќето од нас внесуваат радост и живот во просторијата. Меѓутоа не секогаш сте во можност да набавите свежо цвеќе, а кога ќе се сретнете со таква ситуација  можете да се послужите со стариот трик – украсување со суво цвеќе.

Изгледот на вашиот животен простор секогаш може да се доведе до перфекција со помош на добро одбрани слики, декоративни елементи. Кај нас постојат милион мали продавници во кои може да се снабдите со овој вид на аранжмани за вашиот дом. Меѓутоа пробајте да направите нешто сами, нешто по ваш вкус. Ние само ќе ви предложиме, а на вас останува да решите дали ќе сакате да внесете нов дух во вашиот дом.

Ние ви предлагаме начин на забава, рекреација и корисно искористување на вашето слободно време. Нашиот предлог е собирање, сушење и употреба на сушеното цвеќе за декорација на вашиот дом.

При изборот на цвеќе за сушење треба да бидете многу внимателни, бидејќи тоа го има секаде околу нас, меѓутоа не секое цвеќе може да се суши и да ни го даде посакуваниот резултат. Идеално цвеќе за сушење е она кое што е набрано во текот на утрото, додека се уште не е расцветено, затоа што ако е веќе расцветено, при сушењето ќе му опаднат листовите. За да може сушењето да биде успешно треба цвеќето да се набере во период кога нема влага.

Наш предлог за избор на цвеќе би биле: розите, лавандата, сончогледот и слично.

Од кога ќе го направите изборот за видот на цвеќето треба и да одберете место каде што ќе го сушите, да би било изложено на светлина во текот на целиот ден. Најчесто место за сушење се препорачува ѕидот во кујната каде што би направиле посебни закачалки за сушење.

Откако ќе го наберете цвеќето може да почнете со сушење :

Закачете од осум до десет китки врзани со гумено ластиче , на почетокот на стеблото каде што сте го исекле.

Потоа на гуменото ластиче, додадете жица со која китките ќе се закачат на закачалката.

Китките закачете ги со цветот надоле.

Цвеќињата би се исушиле во период од една до три недели, зависно од временските услови. Доколку при допир на листовите од цвеќето, тие се крцкави, тогаш со сигурност можеме да кажеме дека сушењето завршило.

Вака исушеното цвеќе ставете го во стаклен или керамички сад, а за да ја дополните декорацијата можете да ставите и една или повеќе свеќи.

Овој сад со сушено цвеќе  може да го поставите за декорација на вашиот дом во текот на празници и прослави, а и секојдневно, едноставно за разубавување на домот.

 

Напиши коментар