Мојата кујна

Боза на домашен начин

Според метеоролозите викендов ќе изобилува со сонце, температурите ќе бидат повисоки од очекуваните за овој период од годината.

Затоа ние Ви предлагаме да го надополните прекрасното време со неколку чаши од нашиот традиционален напиток Боза.

За почетоците на бозата се верува дека датираат од пред неколку илјади години во времето на Месопотамија, но сигурни податоци и добиваме од времето на Отоманската Империја каде што достигнува голема популарност. Бидејќи бил сметан за алкохолен пијалок тој бил забрануван од султаните.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

600 грама пченкарно брашно

5 литри вода

1 килограм шеќер

30 грама квасец

( за поголема количина на боза ставете пропорционално од состојките)

НАЧИН НА ПОДГОТОВКА:

Во сад ставете го брашното и прелијте го 5 литри млака вода. Оставете ја смесата да одстои најмалку 10 часа.

По 10 часа течноста ставете ја на слаб оган и оставете полека да врие околу 2 часа. За време на вриењето промешувајте со дервена лажица. Така свареното брашно оставете го 1 до 2 часа.

За тоа време во млака вода разматете го квасецот и ставете го во свареното брашно и убаво промешајте го.

Вака приготвените состојки оставете ги уште 6 часа за да може квасецот да скисне.

По 6 часа бозата процедете ја низ ситно сито или низ салвета (истата смеса треба добро да се истиска за брашното да ја пушти сета течност). Исцедената боза засладете ја според вкус и оставете ја на ладно место (во фрижидер да се олади ). Вака подготвената боза не смее да стои подолго време бидејќи ќе скисне.

Совет:

При послужување во чашите, одозгора наросете цимет, задоволството ќе биде уште поголемо !!!

Сервирајте ја ладна.

Уживајте во традицијата!!!

Напиши коментар