Prison brake

Дон Вито – еден од татковците на италијанската мафија

Кога зборуваме за италијанската мафија, не можеме, а да не го споменеме славниот Вито Џеновезе, уште попознат како Дон Вито. Тој е роден на 27 ноември 1897 година во малечкото место Туфино во Неапол, Италија. Во Америка емигрирал на 15 годишна возраст, со неговиот татко Феличе, неговата мајка Нунцијата и неговите двајца браќа Мајкл познат како “Mike the Pipe” и Кармин Џеновезе, кои подоцна станале дел од неговата мафија.

Иако на почетокот живеел во Квинс со неговите родители, Џенове се преселил во Little Italy и станал навистина поблематичен тинејџер. Прв пат бил уапсен во 1917 година за нелегално поседување на оружје и поминал 2 месеци во затвор. Во раните 1920-ти години на минатиот век, Вито Џеновезе навлегол во италијанската мафија, работејќи за њујоршкиот мафијаш Џо “The Boss” Масириа. Уште како дете, Вито Џеновезе се спријателил со Лаки Лучијано, пријателство кое траело 40 години, се до смртта на Лучијано. Сепак и покрај нивното пријателство, Лучијано никогаш целосно не му верувал на Џеновезе.

Вито Џеновезе бил навистина склон кон насилство, причина заради која њујоршкиот мафијаш Џо “The Boss” Масирија особено го почитувал. Неговата жед за насилство ја потврдува и неговата жена Ана Вернотико, која изјавила дека нејзиниот прв сопруг бил пронајден мртов две недели откако Вито Џеновезе се заљубил во неа. По оваа изјава сите очекувале дека Дон Вито ќе даде наредба за нејзина егзекуција, меѓутоа тој неможел да го стори тоа, како што подоцна му признал на својот пријател Џо Валачи.

Во раните 1930-ти години на минатиот век, Џеновезе станал богат човек и ја контролирал италијанската лотарија, а своето богатство го користел за да купи ноќни клубови низ Гринич Вилиџ.

Се верува дека токму Вито Џеновезе го застрелал Гаетано Реина, што довело до познатата Castellammarese војна. Во април 1931 година, во најкрвавиот дел од војната, Лаки Лучијано го нарачал убиството на Џо Масирија, а Вито Џеновезе, заедно со Багзи Сигел, Алберт Анастасија и Џо Адонис биле извршителите на убиството на нивниот поранешен шеф. Откако го нарачал убиството на Салваторе Маранцано, кое исто така го извршил Вито Џеновезе, Лаки Лучијано станал главен на италијанската мафија во земјата, а ја основал и своја мафијашка фамилија и го поставил Вито Џеновезе за втор човек.

Џеновезе станал државјанин на САД на 25 ноември 1936 година. Истата година Лаки Лучијано се соочил со затворска казна, па Вито Џеновезе станал „кум“ на негово место. Набрзо потоа, и тој бил осуден за убиството на Фердинанд Бочија кое го извршил во 1934 година, па ги напуштил САД и пребегал во гратчето Нола кое се наоѓа во близина на Неапол. Со себе понел 750 000 долари во кеш, а исто така купил куќа за својата сопруга во Њу Џерси, на која и оставил пари и личен телохранител.

Вито Џеновезе просперирал како мафијаш и во Италија. Се спријателил со Бенито Мусолини кој му доделил највисок медал наменет за цивили. Во Неапол, по сојузничката инвазија во 1944, Џеновезе бил назначен на позиција на толкувач/офицер за врски во седиштето на американската армија и набрзо станал еден од најдоверливите работници. Тоа било навистина голем пресврт затоа што само една година пред тоа Џеновезе, како услуга за Мусолини, го убил Карло Треска, уредник на њујоршки антифашистички весник на италијански јазик.

Во исто време додека му помагал на Мусолини, Џеновезе раководел и со „пазарот на црно“ во соработка со Калогеро Визини, моќен мафијаш од Сицилија. На 27 август 1944, воената полиција на Италија спровела операција против мафијашите кои биле вмешани во трговијата со наркотици и го уапсила Џеновезе. Иако агент на американската армија открил дека Џеновезе е баран криминалец во бегство, сепак таа информација не наишла на интерес кај американската влада. По неколку макотрпни месеци, агентот успеал да го екстрадира Џеновезе во САД. Иако му било понудено 250.000 долари мито за да го прекине процесот, а тој заработувал само 200 долари месечно, сепак агентот ги одбил понудените пари, а не потклекнал ниту пред притисокот од високи чиновници на американската војска.

Враќањето на Вито Џеновезе во САД не одело според планот. Иако тој сметал дека повторно ќе застане на чело на мафијата на Лучијано, сепак Френк Костело, кој го заменил кога пребегал во Италија одбил да му го отстапи „кумството“. Дури и втората по моќ позиција во мафијата останала во рацете на силеџијата Вили Морети, а Џеновезе бил назначен за „капо“ т.е водач на мафијашкото крило во Гриниџ Вилиџ.

Добрата страна во целата ситуација бил фактот дека поранешните непријатели на Вито Џеновезе се здобиле со чувство на сигурност за кое наскоро зажалиле. Двајцата клучни сведоци во судскиот процес кој го водела државата Њујорк против него умреле во првата недела откако тој се вратил во САД, па со тоа и случајот против него пропаднал.

Подоцна Џеновезе ги порачал и убиствата на Костело, Морети и Алберт Анастасија. Преживеал само Костело, но бил доволно уплашен за да се откаже од главната позиција во мафијата. Откако станал „кум“ на мафијата на Лучијано, тој ја преименувал во Џеновезе фамилија. Набрзо потоа тој го нарачал убиството на Ентони Строло и Ентони Карфано, а на највисоките позиции во мафијата ги назначил Филип Ломбардо, Герардо Катена и Мајк Миранда.

Во 1957 Џеновезе ја договорил познатата „Апалачин“ средба во руралното гратче Апалачин во Њујорк. Поканил голем број мафијашки шефови за кои се надевал дека ќе ја потврдат неговата позиција како „капо ди тути капи“ т.е „шеф над шефовите“ во мафијата. За негова несреќа, состанокот се претворил во трагедија. Местото било надгледувано од полицијата, а полицајците на должност повикале засилување. Во хаосот што настанал, дел од мафијашите избегале, а дел биле уапсени. Освен тоа што полицијата го уништила планот на Џеновезе, во исто време ја разоткрила и мафијата Коза Ностра.

Во 1959 година, Вито Џеновезе бил осуден за продажба на големо количество на хероин. Бил осуден на 15 години затвор, а казната ја отслужувал во федералниот затвор во Атланта. Многумина сметале дека клучниот сведок во судењето лажел, а подоцна и самиот сведок изјавил дека бил ослободен од затвор за да сведочи против Џеновезе.

Дури и од затворската ќелија, Џеновезе продолжил да управува со неговата мафија. По десет години во затвор, Вито Џеновезе починал  на 14 февруари 1969 година од инфаркт. Бил погребан на гробиштата Сент Џејмс во Квинс, Њујорк.

 

 

 

Напиши коментар