ШоуБиз

Една слатка, романтична исповед…

На кој до што му е дојдено… Со чаша вино, денес некој си го слави Денот на вљубените, а со чашка ракија, некој друг си го слави Свети Трифун. Не е исклучок да ги славите и двата празници, верувам.

Јас како романтична душа уживам да направам нешто убаво за мојот сакан, и тоа не само на овој ден. И само кога тој би знаел дека овој текст му е посветен нему, верувам дека би поцрвенел во образите како мало дете. И токму поради тоа, нема да му ја откријам оваа мала, слатка тајна што моментално ја споделувам со вас, моите читатели. Само да знаете што му подготвив… има да плаче од среќа!

А вие, што се двоумите? Направивте ли нешто оригинално за тој што го заробил вашето срце? Ако не, сега е вистинскиот момент. Помислете на најубавите моменти што сте ги споделиле заедно и инспирацијата ќе ви надојде како пороен дожд во пролет. За да се искаже искрена љубов и не ви се потребни многу пари и време.

 

Да не ги заборавам и оние кои ќе си слават со пријателите. Сакам само да ви кажам дека каде и да сте, со кого и да сте, треба да уживате во моментот, да го живеете сегашниот миг. Така ми кажа и една девојка од Шведска, што сосема случајно ја запознав пред некој ден. Работела кај нас веќе одредено време како волонтер.

Таа ме праша што е целта на животот, а јас како низ пушка ѝ одговорив: „Да бидеш среќен и да живееш живот без каење“. Тогаш ми ја покажа својата рака, на која на латиница си имаше истетовирано „Sreća“.

Зарем љубовта и среќата не се исти на сите јазици?!

Напиши коментар