Италијанците се познати по маестралните специјалитети…особено оние со неодоливата човечка потреба, наречена чоколадо…
Ви претставуваме преубава, богата, а сепак лесна италијанска торта.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
100 грама путер
350 грама чоколадо за готвење
1 лажичка ( 15 грама) инстант кафе во прав
3 супени лажици ( 45 грама ) незасладено какао во прав
5 големи јајца
250 грама шеќер во прав
5 супени лажици мелени ореви
100 грама парчиња ореви
За попрскување:
1 лажичка ( 15 грама) незасладено какао во прав
1 лажичка ( 15 грама ) шеќер во прав
НАЧИН НА ПОДГОТОВКА:
Загрејте ја рерната на температура од 180°C и со путер намачкајте го плехот, со дијаметар од 20 см. Путерот и чоколадото скршени на парчиња, растопете ги во сад, на пареа или во микробранова печка, наместена на одмрзнување. Полека мешајте додека чоколадото целосно не се растопи и не добиете еднаква смеса. Помешајте ги и кафето и какаото.
Во друг сад, помешајте ги јајцата и шеќерот додека не добиете цврста смеса со светла боја, околу 5 минути, а потоа, додадете ги мелените ореви и парчињата ореви. Полека помешајте ја чоколадната смеса со смесата од јајца и истурете го тестото на намачканиот плех.
Печете 40 минути или додека површината на тортата не се исуши и стврдне. Исклучете ја рерната и оставете ја тортата да се олади. Кога тортата ќе се олади, извадете ја од ладната рерна, а потоа и од плехот.Посипете ја мешавината од какао и шеќер во прав, сечете на парчиња и тортата е готова за послужување.
Извонредна е …Уживајте во нејзиниот вкус !