Реагирајќи на стрес, телото се брани, па срцето работи забрзано, дланките се потат, а видот слабее. Иако нема реални опасности по здравјето, овие напади на паника се многу непријатни.
Напади на паника има секој десетти, а според најновите истражувања, дури и секој трети човек. Жените се двапати повеќе склони на такво однесување отколку мажите иако се уште не е разјаснето која е причината за таквото однесување. Нападот на паника е ненадеен, силно чувство на нелагодност следен од мешавина на физички и психички симптоми, а го предизвикува налетот од хормонот адреналин кој го забрзува работењето на срцето.
Таа реакција се појавува како последица на инстинктивното чувство на загрозеност, кога организмот, по принципот „нападни или бегај“, сака да се спротивстави или побегне од тоа што го загрозува. Иако луѓето во текот на нападот имаат чувство дека ќе добијат срцев удар или ќе умрат, лекарите истакнуваат дека нападите на паника не се опасни по здравјето.
Тие напади се составен дел на одбрана на телото, кое го предизвикува засиленото тропање на срцето кое испумпува поголеми количини кислород во рацете и нозете, како би можеле да побегнеме од потенцијалната опасна ситуација или да му се спротивставиме на она што ни се заканува.
Во целиот организам буквално владее паника.
Човек при напад на паника не може да дојде до здив, послабо гледа, дланките му се потат, а телото трепери, потоа се појавува мачнина и вртоглавица и зголемен прилив на крв во образите. Луѓето имаат чувство дека ќе се онесвестат, но медицински гледано тоа не е возможно. За да дојде до несвестица, крвниот притисок би морал значително да е снижен, а кај нападот на паника ситуацијата е обратна – крвниот притисок се зголемува.