Убавина

Медот – храна за вашата кожа и коса

Многу од скапите козметички производи содржат мед како основна компонента. Зошто медот е толку често применуван во козметичката индустрија? Неговата способност за брза апсорбција во кожата, способноста да ја задржува влажноста на кожата подолго, ја прави свежа и спречува сушење па затоа е идеална состојка во многу препарати за нега на кожата. Познато е дека античките убавици го користеле медот во комбинација со млеко, поради неговите одлични својства врз кожата.

Медот е природен антиоксиданс, има анти-микробиолошки особини, помага при оштетување на кожата предизвикано од сончевите зраци, ја засилува способноста на кожата да се регенерира, ја подмладува и освежува, ја прави мека и еластична. Медот ги апсорбира и нечистотиите од порите што го прави идеален препарат за чистење на кожата. Со ваквиот широк спектар на делување, не е и чудо што медот има широка примена во козметиката, како што се препарати за нега на коса, производи за нега на бебе, креми за сончање, хидратантни креми, маски за лице и коса, и многу други.


Еве ви неколку природни рецепти со мед  кои се приготвуваат мошне едноставно во домашни услови, не одземаат многу време, нема да ве чинат многу, а придобивките од нив се големи и верувајте ќе бидете пријатно изненадени од тоа како патот до убавината може да биде многу едноставен и лесен.


Тоник од краставица и мед

Направете пире од една краставица во блендер, исцедете ја содржината и во добиениот сок од краставица додадете две чаени лажички мед и промешајте. Се аплицира наутро и навечер на вратот и лицето, се остава да се исуши и на крај се плакне со вода. Може да се чува во ладилникот во затворено шишенце до една недела.

Тоник од мед и јаболко

Излупете и исчистете едно јаболко, ставете го во блендер заедно со една лажичка мед, измешајте добро се додека не се изедначи смесата. Се аплицира на лицето, се остава 15 минути и потоа се плакне со млака вода.

Пилинг од мед и овес

Комбинирајте една супена лажица мед, една лажица ситно мелен бадем, и две лажици сув овес. Додадете малку лимонов сок и кисело млеко за да добиете луксузен пилинг за лице. Нанесете од смесата на лицето и нежно масирајте и на крај исплакнете со топла вода. Ваквиот пилинг ги чисти порите на лицето и ја омекнува кожата.

Нежен сапун за лице од мед

Измешајте ¼ чаша мед со една лажица течен сапун и ½ чаша глицерин. Се користи за миење на лицето со помош на сунѓер за лице и за разлика од останатите сапуни не ја суши кожата на лицето.

Жешка бања со мед

Ова е веројатно наједноставниот рецепт за нега на кожата со мед. Додадете ¼ чаша мед во када со топла вода за свилена и нежна кожа. Особено се препорачува за сува кожа.

Маска за коса од мед и маслиново масло

За сјајна, свилена и здрава коса и скалп, едноставно искомбинирајте ½ чаша мед со две лажици маслиново масло. Измасирајте ја косата и скалпот со смесата, и оставете ја да отстои 30 минути. Одлично ја ревитализира косата. Се мие со шампон како и обично.

 

 

 

 

Напиши коментар