Здраво тело

Телефонот предизвикува стрес???

Чекањето кога ќе се јави оператор, на оптоварените телефонски линии, не само што е иритантно, туку може да го загрози и здравјето, покажува ново британско истражување.

Нивото на стрес и крвен притисок нагло почнуваат да растат доколку чекањето продолжи, при што кај  просечно здрава личност, на здравјето му се потребни само шест минути за да стигне до критична точка.

Истото истражување покажува и дека музиката која се слуша на слушалката додека чекате наместо да има смирувачко  дејство, дополнително ја влошува ситуацијата. Испитаниците изјавиле дека најмногу ги нервира музика на кавал, а веднаш по неа, класичната музика и звуците од природата како ударот на бранови во карпи.

Дури четири од пет личности стануваат толку исфрустрирани, што спуштаат слушалка уште пред да им се јави оператор.

Роџер Хендерсон, еден од водечките експерти во Велика Британија за проблеми од стрес, тврди дека секојдневното чекање на телефон може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Чувството на хронични тешкотии, пореметување во работата на желудникот и цревата се само некои од нив, а во повеќе случаи може да дојде и до нервен слом.

– Живееме во доба кога времето е луксуз бидејќи никогаш не е доволно. Во таквата ситуација, за жал, наместо да го смениме пристапот за извршување на работата, ние бараме уште побрзо задоволување на потребите, што предизвикува поголем недостаток на време. Епилогот од сето тоа е појавата на хроничен стрес – објаснува Хендерсон и се прашува дали брзиот начин на живот ќе продолжи да го зема данокот за здравје или цивилизацијата конечно ќе сфати дека ништо не е вредно за нервоза…

Напиши коментар