Motherhood

Тест за детето преку цртеж: „Куќа – дрво – човек“ (2 дел)

Да видиме како детето ја нацртало куќата. Добро е ако таа изгледа симпатично и удобно. Но ако е грозна, со остри агли, несиметрична, сосема е возможно на тој начин детето да ја перцепира сопствената куќа, односно семејството.

Ако куќата е најголемиот елемент во цртежот тогаш значењето на семејството за детето е големо. А кога куќата е сосема мала, семејните врски се нестабилни, фрагилни и слаби според детето. Ако куќата е поставена во заден план, веројатно станува збор за чувство на отфрлање.

Исто така не е добро ако куќата е нацртана горе, или е направена со многу поправки, повеќекратно бришење со гума и прецртување, несигурни контури – тоа е знак за сериозни конфликти во семејството.

Правилно е куќата да има прозори и врата. Ако нема значи дека детето е затворено, избегнува контакти  и се плаши да се отвори како последица од несигурност во вас и вашата подршка. Огромна клучалка на вратата значи претеран сомнеж и недоверба во луѓето и светот.

Решетките на прозорците симболизираат агресија, чувство на опасност, или зависност и недостаток на слобода. За да знаете каков е проблемот, погледнете ги ѕидовите. Премногу дебели ѕидови со јак покрив зборуваат за потреба од заштита.

Обично во детските цртежи од оџакот излегува дим. Отсуството на дим психолозите го сметаат како недостаток на топлина во семејството.

Зголемено внимание бара авторот на секое нестандардно дрво. Ако дрвцето е суво, скршено, без листови, без корен, детето чувствува силен психолошки дискомфорт или пак депресија.

Отсуството на корени не е добар знак. Детето веројатно е слабо поврзано кон семејството и не ги цени семејните врски. Ако корените висат во воздухот, без да има земја, веројатно детето не чувствува стабилност, или пак лошо се ориентира во реалниот живот.

Ако отсуствува крошната на дрвото, детето не гледа иднина, не гледа никакви перспективи за себе си во понатамошниот живот. Ако гранките се скршени, тоа е знак за психо трауми или депресија, а ако завршуваат остро, за пројава на агресија.

Ако покрај дрвото детето нацртало и други грмушки и зеленило околу куќата, значи дека има силна желба да се опкружи со заштитни бариери.

Човек

Кој е човекот на цртежот? Ако тоа е самото дете, не значи дека е егоцентрик. Така и треба да биде. Сепак детето го црта својот свет во кој тоа е главната улога. Ако нацрта друг член од семејството, значи тој според него е најважниот човек во неговиот свет. Ако детето не избрало човекот да биде самото тоа или член од семејството, тоа е загрижувачки знак. Ако се нацрта себе си, премногу малечко, тоа значи дека целосно зависи од родителите, кои му пречат да изјави сопствена индивидуалност.

Недостатокот на било кој дел од телото е исто така опасен знак. Долгите раце зборуваат за страв од некого, дека тој некој може да казнува и удира. Ако на пример таткото премногу вика, детето може да пропушти да нацрта уста на човекот.  Дете што црта долги нозе се стреми кон независност, а ако во цртежот рацете се нацртани нагоре, ни малку не е добро. Тоа значи дека сака да сее страв, сака кога луѓето се плашат од него.

Ако во цртежот нема бои освен црна и бела, значи дека се работи за внатрешен конфликт со кој детето не може да се справи.

Во некоја од следните статии ќе зборуваме каков е карактерот на детето според неговата омилена боја…Детската душа е многу длабока, затоа не ги затварајте очите пред наизглед неважни работи. Се што прави детето има некаква позадина, само треба да гледате внимателно и секако да читате литература посветена на децата.

1 Коментар

Напиши коментар