Motherhood

Вистината за матичните клетки – размислете за иднината на вашето дете

Во последно време сè поактуелна е темата за тоа дали да се зачуваат матичните клетки на нашето новородено дете или тоа е сепак прескапа инвестиција чија исплатливост е неизвесна. Но, никогаш не можеме да зборуваме за исплатливост, кога се работи за здравјето на нашите најмили. Оваа област е релативно нова и многу родители се скептични но, од првата успешна трансплантација со матични клетки од крв од папочна врвца во 1988 година до денес, направени се приближно 20.000 трансплантации, а околу 3.000 трансплантации се изведуваат секоја година што значи дека слободно можеме да зборуваме за медицински стандарди и напредок во оваа област. Којзнае до каде ќе стигнеме за 20 години.

А што всушност се матичните клетки?

Човековиот организам е составен од над 200 типови на специјализирани зрели клетки. Секоја од овие клетки има точно одредена функција, независно од тоа дали е тоа клетка на срцев мускул или клетка на црвени крвни зрнца. Од друга страна матичните клетки се уште не се диференцирани т.е. специјализирани за конкретна функција и имаат неверојатна способност да се размножуваат и да создаваат нови ткива преку делба и развој.

Прочитајте некои факти за матичните клетки

Дали вреди чувањето на матични клетки?

Најновитемедицинските  сознанија, укажуваат на голема веројатност детето да ги употреби сопствените матични клетки од папочна врвца подоцна во животот. Станува збор за веројатност од 1/400 со растечка тенденција. Чувањето на матичните клетки на вашето дете има важна предност: Прво, компатибилноста на клетките е 100 % за истото тоа дете и статистички висока за неговите најблиски роднини, со што се минимизира веројатноста за отфрлање на трансплантатот. Второ, нема губење на драгоцено време бидејќи клетките се достапни веднаш кога ќе се побараат. И трето,се избегнуваат големи трошоци ако се спореди цената за криопрезервација со цената на барањето на компатибилен донатор во иднина.

Колку време може да се чува крвта од папочна врвца?

Матичните клетки од папочна врвца кои се правилно подготвени за зачувување може дури да го надминат и нашиот животен век. Досегашните истражувања покажуваат дека криопрезервираните клетки теоретски имаат неограничен век на траење. Ова значи дека тие би можело да бидат чувани длабоко замрзнати се додека ни требаат.

Кој може да ги употреби зачуваните матични клетки?

Возрасните всушност во моментов претставуваат најголем број од сите третирани пациенти. Понекогаш достапната количина не е доволна и докторите користат и дополнителна количина матични клетки од други извори. Што се однесува до регенеративната медицина, количината на матични клетки е помалку важна. Дури и мала количина може да биде доволна да го активира процесот на регенерација на ткивото.

Зошто матични клетки од папочна врвца кога во случај на потреба секој може да прими коскена срж?

Точно е тоа дека коскената срж содржи матични клетки. Но, тие стареат како и нашето тело, со што потенцијално ја губат нивната виталност и употребливост. Матичните клетки од папочна врвца пак се млади, посвежи, релативно незасегнати од болести и пофлексибилни. Папочната врвца содржи поширока лепеза на типови матични клетки во споредба со коскената срж.

Матични клетки може да земеме и подоцна од млечно запче

дали млечниот заб е соодветен извор на матични клетки е многу дискутабилно. Пред сè, станува збор за мала количина на клетки, кои можат да се добијат од млечниот заб. Тие матични клетки се диферецирани до одреден степен, што значи дека немаат моќ да се развијат во голем број различни специјализирани клетки, како матичните клетки од папочната врвца. Освен тоа, тие веќе биле изложени на фактори од надворешната средина, па постои можност од инфекции и заболувања. На крај, останува прашањето, за нивната потенцијална примена. Дури и кога би се решило прашањето околу количината, сепак тие би можеле да се искористат само за ограничен број на болести. Оттука следи заклучок, дека матичните клетки од млечен заб не се соодветна замена за матичните клетки од папочна врвца.

Каде може да се зачуваат матични клетки од папочна врвца?

Засега, постојат два типа на банки за матични клетки:

1) Јавни банки за матични клетки од умбиликална крв каде матичните клетки се складираат анонимно и потоа се достапни за сите пациенти со парцијално или тотално совпаѓање. Рационално образложение за постоењето на овие јавни банки е дека тие ги имаат примероците веќе складирани и типизирани и во случај на совпаѓање, единицата може да биде испорачана до болницата веднаш.

2) Приватни банки каде за одреден паричен надомест примерокот се складира за ексклузивна употреба единствено од страна на нарачателите на услугата (фамилијата). Приватните банки за матични клетки од умбиликална крв наплаќаат надомест за сторирање на примерокот за период од 20-25 години. Се проценува дека околу 700,000 примероци се зачувани во приватните банки во светски рамки, од овие 500,000 во САД а над 135, 000 во Европа. Банките за матични клетки од умбиликална крв сепак имаат важна улога во иднината на здравствената заштита и ќе придонесат за долгорочна стабилност во достапноста на овој извор за развивање на регенеративната медицина.

Во Македонија сега веќе постојат седум компании кои ја нудат можноста за зачувување матични клетки на вашето дете. Информирајте се навремено, бидејќи матичните клетки на вашето дете може да ги зачувате единствено непосредно по породувањето и никогаш повеќе.

Напиши коментар