Мојата кујна

Чоколадна торта без брашно

Се прави без брашно, и е многу богата и со силен вкус … дефинитивно за оние што обожаваат чоколадо.

 

За торта од 20 см: (за 8 – 10 луѓе)

280 гр. темно чоколадо

125 гр. путер

50 гр. шеќер

6 јајца

1 пакетче ванилин шеќер

зејтин и какао за подмачкување на тавчето

 

Загрејте ја рерната на 180°C.

 

Искршете го чоколадото на коцки и исечете го путерот на делови. Ставете ги во стаклена или керамички сад и потоа потпрете ги врз тенџере со жешка вода на оган (ама не да врие) за полека да се стопат. Бидете внимателни да не ви капне вода во чоколадото, бидејќи веднаш ќе се стврдне и нема да може да го искористите. Јас инаку со вода имам расипано едно кило –две чоколада – која потоа не беше ни за јадење а камо ли за готвење. Во меѓувреме во сад, со миксер изматете ги жолчките со скоро целиот шеќер (оставете 1 лажица од шеќерот на страна) и ванилата дур не станат бледо жолта боја.. Со миксер изматете ги белките во друг сад дур не станат цврсти, на крај додавајќи ја последната лажица шеќер за да се зацврснат уште повеќе.

Стопеното чоколадо и путер оставете ги на страна да се оладат. Кога ќе дојдат на собна температура, прво додајте го чоколадото на жолчките и убаво измешајте (не ви треба миксер за ова), па потоа полека оваа мешавина додајте ја на изматените белки. Не мешајте со миксер, бидејќи белките ќе ви спласнат. Користете голема метална или пластична лажица, и лесно измешајте ги двете смеси (не претерувајте со мешање). Смесата истурете ја во тавче од 20 см., кое сте го намачкале со зејтин и потоа посипале со какао, за тортата да не се лепи. Тортава може да се пече и во поголемо тавче, само тогаш ќе ви биде малку пониска, а вкусот ќе биде ист. Печете ја во загреена рерна на 180 Ц степени, околу 25 мин, ама не повеќе од 30 мин. Средината на тортата треба да биде мека, а не сосема цврста, и кога ќе се олади ќе биде совршена. Кога ќе се испече оставете ја сосема да се олади пред да ја сечете или вадите од тавчето.

 

Уживајте !!!

Напиши коментар